Партиските обвинувања за тоа кој е виновен за пожарот во Универзална сала и денеска се главна тема во нивните соопштенија. Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали партиска фирма изведувач, блиска до врвот на СДСМ е причина за молкот на Димитар Ковачевски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска околу пожарот во Универзална сала. Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ ја оставило Универзална сала да се распаѓа и дека Скопје е пример за нивните нереализирани ветувања
И денеска не стивнуваат партиски обвинувања за пожарот кој вчера наутро избувна во Универзалната сала во Скопје, во кој гореше една од куполите и внатрешноста на салата. Откако пожарникарски екипи интервенираа, пожарот беше локализиран два часа по избувнувањето.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со соопштение во кое прашуваат дали партиска фирма изведувач, блиска до врвот на СДСМ е причина за молкот на Димитар Ковачевски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска околу пожарот во Универзална сала.
„24 часа молк од СДС која е формата која е ангажирана за извршување на градежни активности на Универзална сала и дали таа е блиска со врвот на нивната партија. Ковачевски и Костадиновска-Стојчевска можчат и за тоа какви материјали се вградувани. Дали е градено според стандарди и како и се досега со СДС што им се видело поевтино за да имаат простор за големи маржи за нечии џебови?“
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека власта молчи и за надзорот и дали тој одобрил сето тоа што сега било направено.
„Многу прашања, малку одговори. СДС молчат, затоа што заради нивната неспособност и криминал изгоре Универзалната сала. Наскоро на ваквите катастрофи им доаѓа крај. Народот бара промени“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ соопштија дека ВМРО-ДПМНЕ ја оставило Универзална сала да се распаѓа, како и дека Скопје е пример за нивните нереализирани ветувања.
„ДПМНЕ ја остави Универзална сала да се распаѓа, иако беше започнат процесот за реконструкција од претходната локална власт на СДСМ. Култниот објект и симбол на Скопје две години го оставија на забот на времето, да пропаѓа и од внатре и од надвор, па дури и предавањето на реконструкцијата на Универзална сала на Министерството за култура им беше проблем“,
велат од СДСМ.
Во соопштението се вели дека во програмата на локалните избори ВМРО-ДПМНЕ им ветило на граѓаните дека ќе ја реконструира салата, но тоа не се случило.
„Тоа е уште едно неостварено ветување на неспособната локална власт на ДПМНЕ и нивната градоначалничка на Скопје. Ветуваа модерно Скопје, а испорачаа хаотичен и нечист град, со нефункционални јавни претпријатија, потонати во долгови. Ветуваа бесплатен превоз, па за прв пат во историјата ги оставија Скопјани без превоз. Го прекинаа започнатиот проект на БРТ за еколошки превоз и ветија нови 250 автобуси, кои никаде ги нема, додека овие старите се проретчени и нередовни. Ветуваа мега паркови, а градот е нечист, депонии никнуваат секаде. Скопје е пример како владее ДПМНЕ“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Од Министерството за внатрешни работи вчера соопштија дека тројца градежни работници се приведени, кои во моментот на пожарот извршувале работни задачи во објектот на Универзалната сала.
Командирот на скопската противпожарна бригада Звонко Томески рече дека причините за избувнувањето на пожарот во Универзалната сала сè уште не се познати, а нив дополнително ќе ги утврдат полициските екипи.