Владата пред два дена се попишмани и ја суспендира одлуката за спојување на концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, која ја донесе на 27 јуни и беше повод за последната серија протести и бурни реакции во јавноста
Очекувано, на денешната седница на пратенички прашања, опозицијата го соочи премиерот Димитар Ковачевски со спојувањето на концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, што Владата го „аминуваше“, па се попишмани.
„Зошто дозволивте спојување на концесиите бидејќи имавте информација дека граѓаните се против отворање на рудник, односно знаевте дека со одлука за спојување на концесиите и неисполнување на истата ѝ давате правна можност на фирмата на ‘Дестани’ да може да ја тужи Македонија и да изгуби на арбитражен суд и да треба да му се исплатат над милијарда евра од државниот буџет на ‘Дестани’ и ‘Еуромакс рисорсис’, и потпрашање зошто не е раскината концесијата дотогаш и зошто ваква лакрдија за спојување на концесиите, а потоа повторно одвојување“,
праша пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Ковачевски одговори дека при давањето на концесиите за рудникот Иловица се случило втората концесија целосно да ја заобиколи првата концесија.
„Вчера се објавени сите документи од 2005 година со сите мислења, потписи, одобрувања на концесиите, и добивме уште една многу интересна работа, а сигурно сте ја виделе, на графиконот каде што е обележана првата концесија и втората концесија и тоа е многу интересно како е направено, втората концесија комплетно ја заобиколува првата концесија, зошто е тоа направено? Единствен одговор можат да дадат тие коишто одобриле концесиско подрачје врз веќе дадено концесиско подрачје. Кои се тие? Ако ги погледнете документите објавени на сајтот на Министерството за економија, таа концесија ја издале Никола Груевски со позитивни мислења од тогашниот министер Миле Јанакиески, министер за земјоделство Љупчо Димовски, низа мислења бидејќи се работи за постапка во три чекори дадени и од Владо Мисајловски и од Паско Кузман и од сите“,
кажа Ковачевски.
Тој посочи дека ДПМНЕ треба да ги даде сите одговори околу концесиите за рудникот Иловица.
„Кога веќе на некого му дале концесија каде што втората концесија комплетно се наоѓа врз првата концесија, согласно закон тој има право да побара спојување на концесиите. Како се прави тоа? На сајтот на Министерство ви е објавен и записникот, и записникот ви е објавен од ваша влада за спојување на концесиите, и знаете што пишува во записникот – нема никакви забелешки за концесиите да се спојат. Јас не велам дали некој имал некаква лоша намера, добра намера, ваква или таква намера, можеби овие што ги споменав, дел од коишто се активни сега, а добар дел се активни, дел во парламент, дел како советници во вашата партија можеби смениле мислење, но треба да излезат да кажат, дали сега можеби влијае лошо на животната средина оти тогаш не им влијаело лошо на животната средина. Погледнете ги одлуките на општините и на Ново Село и на Босилово, и градоначалник и совет тоа време од ВМРО-ДПМНЕ и донеле позитивна одлука за отворање на рудници во Босилово и Ново Село“,
рече премиерот.
Владата пред два дена ја суспендира одлуката за спојување на концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, која ја донесе на 27 јуни и беше повод за последната серија протести и бурни реакции во јавноста.
Вчера, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека спојувањето на концесиите е дозволено согласно Законот за минерални суровини, кој овозможува кога има еден инвеститор, односно фирма со концесии за соседни парцели, да побара спојување. Во конкретниот случај, втората концесија за Иловица просторно ја заобиколува првата, што се гледа и на мапата што ја презентираше, па инвеститорот има право да бара тие да се спојат.
Активистите го поздравија владиниот потег за суспендирање на одлуката за спојување на концесиите и очекуваат Владата да ги укине двете концесии бидејќи одамна се истечени, а велат и дека концесионерот не се жалел во предвидениот рок.