Полицијата го застрела 21-годишниот напаѓач кој со комбе и мачета усмрти една жена и повреди 29 лица во паркот Тиергартен во Берлин
Главниот осомничен за синоќешниот терористички напад на Парадата на гордоста во Берлин е застрелан денеска за време на опсежна полициска операција, пренесува ДПА. Полицијата отворила оган кон мажот, кој нешто подоцна им подлегнал на повредите, откако тој претходно со комбе влета во толпата луѓе кои беа собрани во берлинскиот парк Тиергартен.

Германскиот министер за внатрешни работи, Александар Добриндт, информираше дека по првичниот удар со возилото, напаѓачот излегол и продолжил да напаѓа со ладно оружје, за кое се претпоставува дека е мачета, по што успеал да побегне од местото на настанот. Во нападот животот го загуби една жена, додека 29 лица се повредени, од кои некои потешко, но според последните информации од полицијата, ниту еден од повредените во моментов не се наоѓа во животнозагрозувачка состојба.
Германските медиуми „Билд“ и „Ди Велт“ објавија дека станува збор за Абдул Балут, 21-годишен маж роден во Берлин, кој имал германско државјанство и либанско потекло. Според нивните информации, тој е од претходно познат на безбедносните служби и неодамна веќе бил осуден за подготовка на сериозно кривично дело против државната безбедност, а неговото семејство потекнува од Либан, додека пак неговата мајка се стекнала со германско државјанство во 2002 година.
