Владата вчера донела одлука со која престанува да важи претходната одлука за спојување на концесиите за рудникот Иловица-Штука, која беше донесена на владина седница на 27 јуни и беше повод за последната серија протести и бурни реакции во јавноста
„Министерството за економија е на став да се донесе акт каде што се утврдува дека одредена потенцијална инвестиција е спротивна на стандардите за заштита на животна средина. Откако ќе се донесе тој акт, утредента Министерството за економија ќе достави предлог за раскинување на договор… Ние досега не поседуваме никаков акт дека е одбиено некое решение, некој елаборат, ниту имаме некое негативно мислење во последните 15 години“, вели министерот за економија Крешник Бектеши
Фото: Влада на РС Македонија
Владата на вчерашната седница донела одлука со која престанува да важи претходната одлука за спојување на концесиите за рудниците Иловица-Штука, информираше на денешната прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши. Тој апстинирал, додека неговите колеги во Владата гласале едногласно.
Претходната одлука донесена на владина седница на 27 јуни беше повод за нови реакции од локалното население и невладините организации, кои излегоа и на протести, на кои се појавија и министрите за животна средина и за труд и социјала, Каја Шукова и Јована Тренчевска.
Бектеши, како и на брифингот во Министерството за економија пред неколку дена, рече дека спојувањето на концесиите е дозволено согласно Законот за минерални суровини, кој овозможува кога има еден инвеститор, односно фирма со концесии за соседни парцели, да побара спојување. Во конкретниот случај втората концесија за Иловица просторно ја заобиколува првата, што се гледа и на мапата што ја презентира Бектеши денеска, па инвеститорот има право да бара тие да се спојат.
Според Бектеши, вчерашната владина одлука за престанок на важење на претходната одлука за спојување на концесиите значи само враќање назад на процедурите бидејќи таа не е ниту позитивна ниту негативна во однос на барањето на инвеститорот за спојување на концесиите.
„Престанок на важење на одлуката, ние како институција, секако дека ќе ја примениме и заради колегијалност секако дека ќе се обидеме на секаков начин да најдеме правен простор за оваа инвестиција да не се случи. Но, дополнително на тоа, мислиме дека има побрз, поедноставен пат освен ова што го правиме ние како административна процедура“,
рече Бектеши.
Откако за двете концесии хронолошки презентираше што се случувало од 2005 година до денес и за секоја фаза ги наброја институциите кои дале мислење, при што нагласи дека сите биле позитивни, Бектеши излезе со предлог – да се донесе барем еден документ односно акт од која било институција со негативен став. Потоа, со ваков акт, Министерството за економија ќе може да предложи раскинување на договорот со инвеститорот за рудниците.
Фото: Влада на РС Македонија
„Имајќи предвид дека се повикуваме на заштита на животна средина, тоа и јас и моите колеги и цела јавност го бара и е главен аргумент, Министерството за економија е на став да се донесе акт каде се утврдува дека одредена потенцијална инвестиција е спротивна на стандардите за заштита на животна средина. Откако ќе се донесе тој акт, утредента Министерството за економија ќе достави предлог за раскинување на договор. Но, да се дава простор за да не се носи никаква одлука, да не постапуваат институциите, ние сме на ставот дека тоа е голем ризик за можна арбитражна постапка. Ова е нашиот став кој го кажавме и во Владата. Ние досега не поседуваме никаков акт дека е одбиено некое решение, некој елаборат, ниту имаме некое негативно мислење во последните 15 години врз основа на кое Министерството за економија ќе донесе предлог-одлука за да го раскине договорот“,
рече Бектеши.
За да се донесе таков акт, според него, има спектар на можности. Како што рече, тој документ може да биде од Министерството за транспорт и врски, од Министерството за земјоделство, со оглед дека за инвестицијата би се сечела шума итн.
Како дошло до концесиите
Значаен дел од прес-конференција Бектеши посвети на хронологијата на доделувањето на концесиите. Во овие процедури, според тоа што го презентира, клучни се три одлуки што ги носи Владата: прво, одлука за детални геолошки истражувања; потоа, одлука за концесија за експлоатација и крајната фаза е дозвола за експлоатација на руда.
Фото: принтскрин
Постапката за првата концесија била започната во 2005 година во време на владата на Владо Бучковски, кога било доставено барање за првата фаза – дозвола за детални геолошки истражувања. Тогаш Министерството за економија, како што налагале процедурите, побарало мислење од министерствата за животна средиа и за земјоделство.
Добиени се позитивни мислења врз основа на кои Министерството за економија донело предлог-одлука за давање концесија за геолошки испитувања. Владата го прифатила предлогот, по што дошло до потпишување на договор (за детални геолошки истражувања).
Потоа почнала процедурата за втората фаза кога тогашниот инвеститор побарал концесија за експлоатација. Следувала нова серија барања од Министерството за економија од други институции. Во 2011 и 2012 г. било добиено позитивно мислење од Министерството за животна средина. На него се надоврзале Министерството за култура преку Управата за заштита на културно наследство, како и Министерството за земјоделство кое дало две мислења – едното поврзано со шумите, а другото со земјоделското земјиште. Сите биле позитивни, Позитивно се изјаснило и Министерството за транспорт и врски во однос на пристапни патишта. Освен од централната, мислење било побарано и од локалната власта, во случајот Општина Босилово од каде што и градоначалникот и Советот се изјасниле позитивно во 2012 година.
Откако сите инстанци биле позитивни, Министерството за економија изготвило предлог-одлука, а Владата ја прифатила со што доделила концесија за експлоатација. Тоа се случило на владина седница на 16 јуни 2012 година со која раководел тогашниот вицепремиер во владата на Никола Груевски, Зоран Ставрески, кој и ја потпишал одлуката. Потоа бил потпишан и договор.
Во меѓувреме, се носи одлука да се распише јавен повик и за втора концесија. Во постапката биле дадени низа позитивни мислења од институциите, како и за првата. Процедурата завршила со одлука на Владата за доделување концесија донесена на седница на 29 декември 2015 г., со која раководел тогашниот премиер Никола Груевски.
Пред да премине кон финалната фаза, односно барањето за дозвола за експлоатација, концесионерот побарал спојувањето на двете концесии. По службена должност, комисија од Министерството за економија излегла на терен да провери дали се исполнети условите, а откако било утврдено дека парцелата од една концесија ја заобиколува другата, бил доставен предлог за спојување на двете концесии во 2016 година. Во меѓувреме, од 2016 година не било одлучувано по барањата за спојување, меѓу другото, и поради технички проблеми со парцелите, изборните процеси во кои Владата не носи такви одлуки итн. Всушност, како што објасни Бектеши, тоа е истиот предлог што и пред еден месец бил доставен од концесионерот, кога Владата на предлог на Министерството за економија реши да ги спои концесиите – одлука што вчера е поништена.