Градоначалникот на Скопје изјави оти експропријацијата е целосно решена, и дека овој проект значително ќе го растовари сообраќајниот метеж во главниот град
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кој денес заедно со премиерот Христијан Мицкоски извршија увид на градежните работи на клучката кај Момин Поток рече оти во моментот се реализирани 75 проценти и целиот проект се очекува да биде целосно завршен до Нова година.

Според него, по пуштањето во употреба на овој инфраструктурен потег, сериозно ќе се намали сообраќајниот метеж и ќе се овозможи посигурен и побезбеден сообраќај за сите граѓани.
„Станува збор за комлексен проект кој има два километра потпорни ѕидови, пешачки и велосипедки патеки. Се работи на пет мотови, последните се во финална фаза“,
рече Ѓорѓиевски.
Дополнително, најави дека до крајот на годината ќе бидат комплетирани уште два значајни проекти во главниот град, односно проширувањето на мостот на реката Серава и мостот на улицата Љубљанска. Истовремено интензивно се работи на булеварот Борис Трајковски, додека во август е предвиден почеток на градежните активности на мостот „Михајло Апостолски“ што ги поврзува општините Гази Баба и Аеродром.
„Владата и премиерот се наша силна поддршка, не само за Скопје и за мене, туку за сите скопјани, 60 милиони денари обезбеди Владата за клучката кај Момин Поток. Ова е едно од ремек делата кои ќе ги завршиме“,
вели градоначалникот на Град Скопје.
Премиерот Мицкоски го поздрави напредокот на градежните работи и потврди дека Владата ќе продолжи континуирано да ги поддржува општините во реализацијата на вакви значајни капитални проекти.
„Градот Скопје од Владата треба да добие до Нова Година камиони, цистерни и метларки, тендерот е завршен, кон крајот на август ќе може да се промовира и таа опрема. Таква опрема ќе добијат и уште неколку поголеми општини. Сега е процесот на жалби, очекувам да заврши и да се добијат новите електрични автобуси во Скопје и во други општини. Се интензивираат активностите и проектите и се она што е ветено. Не може преку ноќ да го поправиме она што е со децении уништувано, но, со посветена работа и невозможните работи стануваат возможни“,
кажа премиерот.
