Пеле најголем дел од кариерата ја поминал во својот прв професионален клуб, Сантос. За да не избега во странство, бразилската власт го прогласила за „национално богатство“. Последниот натпревар за репрезентацијата го игра против Југославија. По пензионирањето, станува амбасадор на ОН и УНЕСКО, но и министер во Бразил, а се пробува и во глумата со Силвестер Сталоне и Мајкл Кејн

Можеби фудбалот е измислен за него. Со овие зборови легендата на англискиот фудбал Боби Чарлтон зборуваше за фудбалскиот крал Пеле кој денеска почина на 82 годишна возраст.
Тактиката и брзината кои ги поседуваше Пеле беа споени со смртоносна прецизност пред голот на противникот. Во родниот Бразил тој важи за национален херој, а во светот за глобална спортска икона.
Меѓутоа и надвор од теренот, Пеле водеше неуморна кампања за подобри услови за најсиромашните луѓе во општество.
Играл фудбал со чорап зошто семејството немало пари за топка

Едсон Арантес до Насименто – Пеле е роден на 23 октомври 1940 година во Трес Коракоес, град на југоистокот на Бразил.
Неговиот извод на родени, пак, вели дека тој е роден на 21 октомври, но Пеле инсистираше дека тоа не е точно.
„Во Бразил не сме толку преокупирани со точноста“,
зборуваше фудбалската легенда.
Пеле израснал во релативна сиромаштија во градот Бауру, па како млад придонесувал во семејната каса работејќи со скратено работно време во локалните кафулиња. Фудбал научил да игра од неговиот татко, но семејството не можело да си дозволи да му купи топка. Затоа, младиот Пеле често играл на улица о завиткан чорап кој му служел како топка.
Името Пеле го добил на училиште. Неговите другари почнале да го викаат така иако ниту тој ниту некој од нив нема поим што значи тоа.
Лично на Пеле прекарот никогаш е му се допаднал премногу бидејќи, како што раскажувал, кога се изговара премногу звучи како од „бебешки речник“.
Почнува да се занимава со фудбал во тинејџерските години играјќи за аматерски локални тимови. Тогаш, во неговиот крај станува популарен фудбалот во затворен простор, што Пеле го дочекал со задоволство.
„Јас го прифатив тоа како риба – вода. Тоа е многу побрзо од фудбалот на трева, мора да размислувате навистина брзо“,
зборуваше Пеле подоцна.
Со јуниорите на клубот од родниот Бауру тој потоа настапува на три државни младински првенства на кои се промовира себе си како нов надежен талент.
Во 1956 година, неговиот тренер го однел во пристанишниот град Сантос за да се испроба во истоимениот фудбалски клуб кој во тоа време бил професионален тим. Тренерот уште пред тест периодот, пред менаџментот на клубот за Пеле им зборувал дека тој ќе биде најдобриот фудбалер на светот.
Својот дел од работата го завршил и Пеле. Ги импресионирал директорите на клубот и веднаш, на свои 15 години добил договор. Една година подоцна, почнал да настапува и за сениорскиот тим на Сантос и уште на првиот натпревар го постигнал првиот гол во неговата професионална кариера. Бргу се изборил за место во стартниот тим и уште во првата година станува најдобар стрелец во лигата.
Само 10 месеци по потпишувањето на договорот со Сантос како професионален фудбалер, го добива и првиот повик од репрезентацијата.

Репрезентативното деби го имаше на натпревар против Аргентина на стадионот Маракана. Бразил загуби со 2:1, а единствениот гол за Бразилците го постигна тогаш 16-годишното момче Пеле со што влегува во историјата како најмладиот играч кој постигнал гол на интернационален натпревар.
За да не избега во странство, власта го прогласува за „национално богатство“
Надежите на Пеле дека наскоро ќе настапи и на Светското првенство во 1958 година, прво во неговата кариера, потоа се чини дека биле уништени откако се здобил со повреда на коленото. Меѓутоа, неговите соиграчи од репрезентацијата ја притиснале управата, сепак, Пеле да настапи. Со тоа тој го има и своето деби на еден Мундијал и тоа во натпревар против тогашниот Советски сојуз.
Неизбежно, тој станува најмладиот играч кој постигнал гол на Светско првенство тресејќи ја мрежата на Велс во меч од четвртфиналето.

Во полуфиналето Бразил се соочи со Франција. Водеше со 2:1, а во второто полувреме Пеле го достигна и првиот хет-трик на Мундијалот за да стави точка на натпреварот. Во финалето, Бразилците се соочија со Шведска и победија со 5:2. Пеле постигна два гола и го освои првиот од трите мундијали.
Втор пат, Бразил заедно со Пеле стана светски шампион во 1962, а трет пат 1970 година. Со тоа, тој се запиша во историјата како единствениот играч што има освоено три мундијалски злата.
На шампионатот во 1962, иако Бразил стана светски шампион, Пеле заработи повреда уште во раната фаза од натпреварите. Меѓутоа, тоа не ги спречи богатите европски клубови, како Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид, да се обидат да го ангажираат човекот кој беше најавен како најдобриот на светот.
Вознемирени од помислата дека нивната ѕвезда ќе замине во странство, бразилските власти тогаш го прогласија Пеле за „национално богатство“ со цел да го спречат неговото заминување.
Во 1969 година, Пеле кој тогаш се наближуваше до 30-тата година, не сакаше да вети дека ќе игра за Бразил на Светското првенство во Мексико во 1970 година. Тој период, се соочува и со истрага од тогашната воена диктатура во Бразил која го осомничи дека имал левичарски симпатии.
Сепак, настапи на Мундијалот, постигна четири гола, а Бразил повторно го освои пехарот.
Ова беше и последното Светско првенство за Пеле, а последниот репрезентативен натпревар го одигра на 18 јули 1971 година против Југославија во Рио. Три години подоцна се повлече и од клупскиот фудбал во Бразил.

По две години, пак, потпиша договор со Њујорк Космос. Иако најдобрите денови од неговата кариера поминаа, самото негово име тогаш придонесе значително да се зголеми профитот во фудбалскиот свет во САД.
Прошталниот натпревар Пеле го одигра во 1977 година. Неговиот стар клуб, Сантос, се соочи со Њујорк Космос. Билетите за натпреварот кој го одбележа неговото пензионирање беа распродадени до последно место, а Пеле одигра по едно полувреме за двата клуба.
Во својата кариера, тој постави рекорд по постигнати голови – 1 281 гол во 1 363 натпревари, вклучително и 77 во репрезентативниот дрес. Во 2000 година, заедно со Марадона, ФИФА ги прогласи за играчи на векот.
Амбасадор, министер, актер…
Додека активно играше фудбал, тој беше еден од најплатените спортисти во светот, но и по пензионирањето продолжи да прави пари со неговото име.

Со Силвестер Сталоне и Мајкл Кејн, во 1981 година глумеше и во филмот „Бегство во победа“. Имаше потпишано и голем број на спонзорски договори, а во 1992 година стана амбасадор на Обединетите нации за екологија и животна средина. Подоцна беше прогласен и за амбасадор на добрата волја на УНЕСКО.
Пеле се занимаваше и со политика. Во 1995 година, тогашниот бразилски претседател Фернандо Хенрике Кардосо го назначи за министер за спорт со што тој ја презеде водечката улога во обидите да се стави крај на корупцијата во бразилскиот фудбал. Законот, познат како Законот на Пеле донесен во 1998 година имаше клучна улога во модернизирањето на управувањето со спортот во Бразил.
Три брака и неколку афери
Кога станува збор за приватниот живот, Пеле во 1966 година се ожени со Роземери дос Реис Чолби. Парот доби две ќерки и еден син, а се разведоа во 1982 година откако Пеле беше поврзуван во афера со познат модел и филмска ѕвезда.
По втор пат стапи во брак со пејачката Асирија Лемос Сиксас, со која доби близнаци, а потоа се разведе.
Во 2016 година, Пеле се ожени уште еднаш. Овој пат со јапонско-бразилска бизнисменка, Марсија Цибеле Аоки, со која се познавале од 1980 година.
Во неговиот приватен живот го следеа и низа гласини, како на пример, дека има и други деца како резултат на аферите што ги имал со други жени, но Пеле секогаш го негираше тоа.
Во последните неколку години се бореше со здравствени проблеми со бубрезите и простатата. Имаше и операција за отстранување на тумор од дебелото црево во септември лани откако тој бил откриен при рутински преглед. Неговата здравствена состојба се влоши во последните неколку недели кога кон крајот на ноември беше и хоспитализиран.