Американците го избираат следниот претседател или претседателка на изборите кои ќе кулминираат во вторник, 5 ноември. По затворањето на гласачките места, во зависност од тоа колку се блиску резултатите, можно е победникот да не се знае неколку часа, денови, па дури и недели
Кога се очекуваат резултатите од претседателските избори во 2024 година
Судејќи според националните и државните анкети, разликата меѓу Доналд Трамп и Камала Харис може да биде многу мала на некои места, што би можело да бара пребројување, пишува Би-би-си.
Исто така, можно е некои резултати да доаѓаат побавно оваа година поради промените во начинот на кој поединечни држави – вклучително и седумте клучни што на крајот ќе одлучат за трката – ги спроведуваат изборите од 2020 година.
Од друга страна, пребројувањето на гласовите се одвива брзо во места како Мичиген, а многу помалку гласачки ливчиња овој пат ќе бидат испратени по пошта, отколку што беше тоа случај на минатите избори, кои се одржаа за време на пандемијата на ковид.
Тоа значи дека има голем број можни исходи – победникот да биде прогласен веќе во изборната ноќ, следното утро или неколку дена или дури неколку недели подоцна.
Кога беа познати резултатите од претседателските избори во 2020 година
Изборите во 2020 година се одржаа во вторник на 3 ноември, но американските ТВ-мрежи не го прогласија Џо Бајден за победник до доцна наутро во саботата на 7 ноември.
Си-ен-ен прв го објави резултатот, а сите други ТВ-мрежи ја објавија информацијата во следните 15 минути.
Кога вообичаено се објавуваат резултатите од претседателските избори
Гласачите се навикнаа да го дознаат победникот доцна во изборната ноќ или во утринските часови на новиот ден. На пример, кога Трамп победи во 2016 година, тој беше прогласен за победник во 9 часот по наше време (3:00 часот по EST).
Кога Обама го освои вториот мандат во 2012 година, неговата победа беше предвидена уште пред полноќ на денот на изборите.
Еден забележлив неодамнешен исклучок беа изборите во 2000 година меѓу Џорџ В. Буш и Ал Гор. Тие завојуваа поради тесниот натпревар во Флорида, а трката беше решена дури на 12 декември, кога Врховниот суд на САД гласаше за завршување на процесот на пребројување на гласовите во државата, по што Буш славеше.
Како функционира пребројувањето на гласовите
Првите избирачки места низ САД ќе се затворат во вторник навечер на полноќ по наше време (18:00 часот по EST), а последните избирачки места ќе се затворат рано наутро во среда во 7 часот по наше време (1:00 часот по EST).
Вообичаено, прво се пребројуваат гласовите дадени на денот на изборите, потоа предвремените гласови и гласовите испратени по пошта, па следи пребројувањето на спорните гласови, и на крај гласовите од дијаспората и војската.
Локалните изборни службеници – понекогаш именувани, понекогаш избрани – ги проверуваат, обработуваат и бројат поединечните гласови. Проверката на гласачките ливчиња вклучува споредување на бројот на гласови со бројот на активни гласачи, отворање и испитување на секое поединечно гласачко ливче, проверка на дамки или други оштетувања и документирање и испитување на какви било недоследности.
Пребројувањето на гласачките ливчиња вклучува вметнување на секое гласачко ливче во електронски скенери кои ги табелираат резултатите. Некои околности бараат рачно броење или двојна проверка.
Секоја држава и локалитет има ригорозни правила кои одредуваат кој може да учествува во изборната кампања, редоследот по кој се обработуваат гласовите и кои делови се отворени за јавноста, вклучително и правила за тоа како партиските набљудувачи можат да следат и да интервенираат во пребројувањето на гласовите.
Што може да ги одложи резултатите од изборите
Тесната трка меѓу двајцата кандидати ја зголемува можноста за пребројување на гласовите и правни оспорувања.
Во Пенсилванија, на пример, автоматско повторно пребројување на ниво на цела држава започнува ако има само половина процентен поен разлика помеѓу победникот и губитникот.
Повеќе од 100 предизборни тужби се веќе поднесени низ целата земја, вклучително и оние поврзани со оспорувањето на избирачкото право и регистрацијата на гласачите од страна на републиканците. Тековните судски пресуди за овие случаи од ден на ден ја обликуваат оваа трка.
Други сценарија кои би можеле да предизвикаат одложувања вклучуваат какви било случаи на немири поврзани со изборите, особено на избирачките места, и опструкции при пребројувањето на гласовите, како во 2020 година кога пукна водоводна цевка на местото за обработка на гласачките ливчиња во Џорџија.
Што ако резултатите се оспорени
Откако секој важечки глас ќе биде вклучен во конечните резултати и откако ќе се завршат процесите како што се пребројувањето, резултатите од изборите се сертифицираат прво во локалните јурисдикции, а потоа на ниво на целата држава.
Државната извршна власт, обично гувернерот, потоа го потврдува она што е познато како список на електори кои ќе ја претставуваат нивната држава во изборниот колеџ. Изборниците потоа се состануваат во нивните држави на 17 декември за да го дадат својот глас и да ги испратат во Вашингтон.
Потоа, на 6 јануари, новиот американски Конгрес се состанува на заедничка седница за да ги преброи изборните гласови, при што претседава актуелниот потпретседател.
По изборите во 2020 година, Трамп одби да го признае поразот, а неговите поддржувачи последователно маршираа кон американскиот Капитол додека Конгресот се состана за да ја потврди победата на Бајден. Тој го повика својот потпретседател Мајк Пенс да ги отфрли резултатите – но Пенс одби.
Дури и по завршувањето на немирите и повторното свикување на членовите на Конгресот, 147 републиканци неуспешно гласаа за отфрлање на поразот на Трамп.
Изборните реформи од тогаш им отежнаа на пратениците да ги оспорат заверените резултати испратени до нив од поединечни држави, а исто така појаснија дека потпретседателот нема овластување еднострано да ги отфрли изборните гласови.
Кога е инаугурацијата
Новоизбраниот претседател ќе го започне својот мандат откако ќе биде инаугуриран во понеделник, 20 јануари 2025 година. Тоа ќе биде 60-та претседателска инаугурација во историјата на САД.
На настанот, новиот претседател ќе положи заклетва, ќе вети дека ќе го почитува Уставот, а потоа ќе го одржи својот инаугуративен говор.