„Реалноста е дека долгови има. Најголем должник е Клиниката за онкологија и тоа е наследен долг – мислам дека е околу една милијарда денари. Меѓутоа, кога ќе земете дека буџетот на Онкологија сега е пет милијарди, не зборувам за нешто со што не може да се управува. Значи, една милијарда долг звучи многу, меѓутоа севкупниот буџет на клиниката е пет милијарди и како таков тој е 20 отсто од буџетот на клиниката“, изјави директорот на ФЗО и кандидат за министер за здравство, Сашо Клековски

Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и кандидат за министер за здравство, Сашо Клековски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 кажа дека заедничките служби на скопските универзитетски клиники имаат долг од околу 35 милиони евра, а дека најголем должник меѓу клиниките е онаа за Онкологија.
Клековски: Во основа, долговите во јавното здравство постојат. Најголеми се во заеднички служби, кои не се здравствена установа, туку јавна установа и сме посветени на менаџирање. Тоа се должи на повеќе фактори – внатрешни, надворешни, субјективни и објективни. Бараат не само краткорочни мерки, туку и среднорочни мерки. Ние во 2024 година, кога имаше услови во буџетот, направивме едно вонредно раздолжување со јавното здравство и нашата цел е да постигнеме редовно плаќање. Ние сме во Фондот во редовно плаќање кон матичните лекари, кон аптеките, кон повеќе групи на добавувачи.
360°: Тоа е на 30 или на 90 дена? На колку им плаќате?
Клековски: Меѓу 60 и 90 дена. Имаме ритам на плаќање, кои обврски во кој дел од месецот, бидејќи ние се финансираме од придонеси генерално. Така што, со реализацијата на придонесите, прво се исплаќаат матичните лекари, специјалистите, потоа платите во јавно здравство. Но реалноста е дека долгови има. Најголем должник е Клиниката за онкологија и тоа е наследен долг – мислам дека е околу една милијарда денари (16 милиони евра). Меѓутоа, кога ќе земете дека буџетот на Онкологија сега е пет милијарди (80 милиони евра), не зборувам за нешто со што не може да се управува. Значи, една милијарда долг звучи многу, меѓутоа севкупниот буџет на клиниката е пет милијарди и како таков тој е 20 отсто од буџетот на клиниката. Имаме многу малку каде што се презадолжени, каде што долгот изнесува над сто отсто од буџетите, меѓутоа морам да кажам – во скоро сите критични, како Охрид, Прилеп, Куманово, имаме намалување на долговите.
Во Министерството за здравство во тек е јавна набавка за купување сто нови амбулантни возила за потребите на Итната медицинска помош. Веќе е избран најповолен понудувач на тендерот проценет на околу 7,5 милиони евра, но се чека да заврши жалбениот процес. Но, постапката генерално ја следеа контроверзии, пред сè поради наводите дека беа поставени услови што ја ограничија конкуренцијата што на крај резултираше со само две понуди, од кои едната од електромеханичарски дуќан.
Па, го прашавме идниот министер како ќе се постави кон овој случај.
Клековски: Искрено, не сум информиран, не бил во мојот делокруг на интереси.
360°: Но, веројатно ќе дојде кај вас на маса за потпис.
Клековски: Доколку е помината законската процедура, вклучувајќи жалбен процес, мислам дека неминовно ќе го потпишам договорот.
