„Ние секоја година добиваме предлог од установите колку услуги, здравствени услуги ќе испорачаат и врз основа на тоа се буџетираат. Меѓутоа, малку од установите – на пример, интернистичките клиники или центрите за јавно здравје – постигнуваат над 80 отсто извршени услуги во однос на буџетираното. Ние имаме општи болници со 35 отсто“, вели кандидатот за министер за здравство и директор на ФЗО

Македонскиот буџет за здравство од околу една милијарда евра за 2026 година, што е околу 5,8% од БДП и 15% од државниот буџет, е поголем од здравствените каси на Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, но помал од оние на другите земји во регионот. Сепак, вели кандидатот за министер за здравство Сашо Клековски, има многу загуби при трошењето.
Клековски: Во основа, параметрите што ги кажавте одговараат на земја на нашиот општ развој. Значи, ние сме пред Албанија, Косово и пред Босна во повеќето други параметри и тоа е реалната состојба. Во основа зафаќањето од БДП и од јавната потрошувачка, од јавните финансии, се тие во моментот. Не се далеку од европскиот просек, односно тоа што се посакува – да се издвојува десет отсто од БДП. Меѓутоа, во овој момент тие се зададените параметри. Мојот фокус како директор на Фондот за здравство, претпоставувам и како министер, е кон рационализација на употребата. Значи, јас повеќепати имам кажано дека во сегашното трошење на овие средства што ги спомнавте, има многу загуба.
360°: Има околу една милијарда евра буџет, ако ги пресметаме парите за Фондот (910 милиони евра) и за Министерството за здравство (130 милиони) – една милијарда и 40 милиони евра е вкупниот буџет за оваа година. И вие велите дека во тие пари има многу нерационално користење?
Клековски: Да, има многу загуба.
360°: Каде се трошат нерационално парите?
Клековски: Па видете, имате многу болници што имаат многу мал број услуги.
360°: А ги земаат платите.
Клековски: Да, значи точно е дека услугите, цените не се зголемени повеќе од деценија и ние работиме на тоа, бидејќи во основа Фондот треба да биде купувач на услуги. Ние секоја година добиваме предлог од установите колку услуги, здравствени услуги ќе испорачаат и врз основа на тоа се буџетираат. Меѓутоа, малку од установите – на пример, интернистичките клиники или центрите за јавно здравје – постигнуваат над 80 отсто извршени услуги во однос на буџетираното. Ние имаме општи болници со 35 отсто.
360°: Да преведеме за публиката – тие ги добиваат парите како да работат сто отсто, а практично испорачуваат 35 отсто?
Клековски: Да. Тоа е со одлука на Владата за неодржливи здравствени установи што продолжуваат да се финансираат од Фондот иако не испорачуваат тоа што треба.
360°: И како се решава тоа?
Клековски: Се решава со вработување нови здравствени работници таму каде што недостасуваат, барање на опремата и правење патеки на движење и притисок врз извршување на работите. Значи, ние на средни кон долги патеки мора Фондот да биде купувач на услуги – мора да добива услуги за средствата што ги инвестира.
На прашањето може ли Фондот за здравство да биде купувач на услуги на генерално ниво, односно да ги купува услугите не само во јавните здравствени установи и делумно во приватните, туку генерално, како осигуреник да можете да решите каде ќе се лечите, а тоа да го покрие Фондот, Клековски одговори негативно.
Клековски: Не може така, тоа не постои во ниту една земја со нашиот модел, со ваков Бизмарков модел на конституирање на Фонд. Во основа, затоа има дополнително осигурување што треба да ги покрие другите опции што Фондот не ги покрива. Фондот за здравствено осигурување купува генерално услуги од јавното здравство и во четири сектори каде што нема услуги од јавното здравство или се тие дефицитарни. На пример, бањското лекување (рехабилитацијата) е исклучително од приватни здравствени установи бидејќи нема соодветни јавни.
360°: Офталмолошки услуги?
Клековски: Офталмолошки, затоа што посакуваниот обем на операции на катаракта не може јавното здравство да го испорача. Кардиохирургија, која започна како приватна со „Филип Втори“, и дијализите кои со концесија се предадоа од јавното здравство на два приватни провајдери.
