„Се зголеми позитивната листа и допрва ќе се зголемува позитивната листа за да се неутрализира овој катастрофален ефект по џебот на граѓаните што го наследивме и кој е историски – мислам повеќе влади придонеле кон тоа. Меѓутоа не е само позитивната листа. Ние имаме три сегменти во пристап на лекови – прво е позитивната листа, второ се болничките лекови, третата компонента се посебно скапите лекови. Морам да кажам дека во 2025 г. во однос на 2023 г. имаме зголемување од 33 насто на општо ниво за лекови“, вели директорот на ФЗО и кандидат за министер за здравство во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Има една група невладини организации кои вршат мониторинг на исполнувањето на дадените предизборни ветувања на Владата. Неодамна излегоа со пресек на двегодишнината од мандатот. Во областа здравство следат 31 ветување, и статистиката не е многу позитивна за Владата – исполнети се 4, во фаза на исполнување се 5, а 22 ги водат како неисполнети. Toa е висок процент од 70 отсто. Притоа, разговарав со групата невладини – велат од аспект на одговорност овој трансфер од Фондoт во Министерство за здравство на Клековски е добар. Зошто? Затоа што овие 4 исполнети и 5 во фаза на реализација, главно се поврзани со Фондот за здравствено осигурување.
Клековски: Ова е поинаква статистика од мојата статистика, во смисла на тоа што… Во владината програма што јас ја следам има над 60 проекти.
360°: Добро, тие следат 31 индикатор.
Клековски: И во основа можам да кажам кои се главните постигнувања. Прво, историски ја зголемивме капитацијата на матичните доктори. Второ, обезбедивме зголемување на платите во здравството заради достоинствено третирање на здравствените работници – номинално за 20 насто, реално за 13 насто.
360°: За средномедицинскиот персонал?

Клековски: Не, за севкупниот кадар, при што во првите две зголемувања фокусот беше на средномедицинскиот кадар. Еве, да кажам дека имаме пет трансфери од приватни здравствени установи во „8 Септември“ – двајца доктори и три среден персонал, сестри и инструментарки. И имаме такви процеси на други места. Првпат по повеќе години го зголемивме бројот на здравствени работници со исполнување на ветувањето за вработување на 300 специјализанти и за вработување на долгогодишните договорци. Значи, ние години наназад, да не кажам деценија, имаме пад на бројот на вработени. На крајот на 2024 г. тој изнесуваше 18 000, а сега на крајот на 2025 г. изнесуваше 18 900, што е важно за капацитетот на јавното здравство. Многу направивме во „8 Септември“, на инфраструктурната страна, да кажам.
360°: Проработеа ли тие сали?
Клековски: Да, се направи микробиолошко тестирање, потврдено е и ќе бидат ставени во употреба. Збориме за најсовремени сали кои ќе решат не само пациентите пријатно да се чувствуваат, туку едно клучно прашање – нивото на интерхоспитални инфекции. Значи, ова се сали кои обезбедуваат максимални услови за стерилност. Конечно, го пуштивме новото крило во Струмица, реновирана е Гинеколошко-акушерската клиника, „Свети Еразмо“ ќе влезе во завршна фаза. Ја проширивме позитивната листа за 11 лекови. Над 2 милиони евра се издвоени за проширувањата. Премиерот денеска објави ново проширување на позитивната листа. Морам да кажам дека 10 години позитивната листа претходно не беше проширена.
360°: Сега, на годишно ниво, се издвојуваат околу 60 милиони евра за лекови на позитивната листа. Но, сè уште еден огромен дел од граѓаните лековите ги плаќаат од џеб. И тоа е некаде околу две третини сооднос, две третини со една третина.
Клековски: Беше 65 отсто во 2022 г. Значи, една од работите за која сум најгорд за изминатите две години во Фондот за здравствено осигурување, а беше главен приоритет на Фондот и мој како директор, беше пристапот кон лековите. Во основа за сè има параметри и еден од параметрите кој е најлош за Македонија е плаќање од џеб за лекови кој мислам во 2022 изнесувал 65 проценти.
360°: Ако биле 50 милиони од буџет, значи 100 се давале од џеб?
Клековски: Давањата од буџетот се поголеми, ќе дојдам до тоа. Не е само позитивната листа. Значи, од 50 на 60 милиони евра се зголеми позитивната листа и допрва ќе се зголемува позитивната листа за да се неутрализира овој катастрофален ефект по џебот на граѓаните што го наследивме и кој е историски – мислам повеќе влади придонеле кон тоа. Меѓутоа, не е само позитивната листа. Ние имаме три сегменти во пристап на лекови – прво е позитивната листа, второ се болничките лекови, третата компонента се посебно скапите лекови. Морам да кажам дека во 2025 г. во однос на 2023 г. имаме зголемување од 33 насто на општо ниво за лекови. Имаме и рекордно зголемување на условни буџети, или посебно скапите лекови, од 80 отсто во овој период од 2023 до 2025.
360°: Тоа се за ретки болести?
Клековски: Ќе кажам. Значи, од 2,4 на 4,4 милијарди денари. Тоа опфаќа онкологија, хематологија, педијатрија (цистична фиброза, „трикафта“), опфаќа неврологија со мултиплекс склероза, опфаќа автоимуни болести на кожно, на реума, на гастро… И не е само што се зголемени средствата, туку постигнавме на Клиниката за неврологија да нема листа на чекање за модерна биолошка терапија за пациентите со мултиплекс склероза во првата фаза, и сега ја децентрализираме терапијата – нема повеќе да мора да доаѓаат на Клиниката, ќе можат да ја подигаат во прва фаза во Охрид и во Штип, тие што гравитираат кон болниците во Охрид и во Штип. Деновиве го објавивме историскиот чекор за пациентите со цистична фиброза за пристапноста до „трикафта“. Дојдовме до заборавени групи како што се тешките случаи на псоријаза на Клиниката за дерматовенерологија. И значајно го зголемивме финансирањето на најкритичната точка во оваа област – тоа е онкологија.
