Според Галаб Донев, нискиот одзив на гласачите и големиот број гласачки ливчиња на кои е обележано полето „не поддржувам никого“ се повод да се преиспита политичкото однесување
Резултатите од парламентарните избори во Бугарија покажуваат слика за која често повикував да се размислува за да не се губи драгоцено време помеѓу август и октомври, вели техничкиот премиер на бугарската влада, Галаб Донев, пренесува БГНЕС, и нагласува дека гласачите што учествуваа на изборите одлучија дека „коалициската формула за создавање редовна влада е неизбежна“.

Според Донев, нискиот одзив на гласачите и големиот број гласачки ливчиња на кои е обележано полето „не поддржувам никого“ се повод да се преиспита политичкото однесување.
„Со тоа што не поддржуваат никого или не гласаат, гласачите ги обврзуваат политичарите да понудат своја подобра верзија. Претседателот ќе го свика 48. Народно собрание, и покрај очекувањата, и се надеваме дека ќе има долг живот. Очекувам од вас да ја завршите работата околу подготовката на предлог-законите поврзани со Планот за закрепнување и одржливост, ова е уште една крупна задача со која презедовме функција како преодна влада. Еден дел од законите се веќе донесени. Ќе ја истакнам сериозната работа на министерот Крум Зарков и вицепремиерот Атанас Пеканов, за кои подготовката на законите според планот е врвен приоритет и лична кауза. Не губете мотив и енергија за работа во неделите што ни преостануваат како влада“,
порачува техничкиот премиер Донев.
Во однос на подготовката, организацијата и спроведувањето на изборите, техничкиот премиер вели дека преодната влада добро си ја завршила работата и за тоа им честита на сите министри во неа.
„Гласањето беше мирно и транспарентно, не беа констатирани значителни прекршувања. Граѓаните слободно го изразија својот глас“,
вели Донев.
Според 100 отсто обработени гласови, во 48. состав на Националното бугарско собрание ќе влезат седум политички партии, а прва политичка сила ќе биде коалицијата ГЕРБ-СДС предводена од поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов.
ГЕРБ-СДС како победник на изборите, според првичните резултати, освои 25,33 отсто од гласовите. Околу пет процентни поени зад нив се Продолжуваме со промените на експремиерот Кирил Петков со 20,2 отсто.
ДПС со 13,76 отсто ќе биде трета политичка сила, а зад неа, според освоените гласови, е националистичката Преродба со 10,17 отсто.
Бугарската социјалистичка партија (БСП) освои 9,3 отсто, додека Демократска Бугарија 7,44.
Седмата партија која влегува во парламентот е Бугарски подем, на поранешниот технички премиер Стефан Јанев со 4,63 отсто.
Бугарскиот парламент брои 240 пратеници, а за да се формира мнозинство потребни се 121 пратеник.
Според проекциите што ги направи агенцијата „Тренд“, победничката коалиција ГЕРБ-СДС би имала 67 мандати. Продолжуваме со промените на Петков ќе влезе со 53 пратеници.
Третопласираната ДПС, кон која се гледа како потенцијален партнер на ГЕРБ, според проекциите, би имала 36 пратеници. Понатаму, Преродба 27, БСП 25, додека Демократска Бугарија 20, а Бугарски подем 12 мандати.
Даниел Лорер од Продолжуваме со промените вчера во студиото на „Повеќе од денот“ на на БНТ, изјави дека ГЕРБ без Бојко Борисов е добра основа за преговори за идното раководство на државата.
„Ако ГЕРБ ја прифати идејата дека им треба ново раководство, тоа би било добар почеток за да можеме да разговараме со нив за тоа како Бугарија да ја направиме навистина подобро место. Само кога ГЕРБ ќе покаже подготвеност да го смени своето раководство и да ја прифати неговата вина за она што се случи во последните години, може да сметаме дека таму почнува да се случува некаква катарза“,
нагласи Лорер.
Лидерот на ГЕРБ, Борисов вчера на прес-конференција изјави дека изборите покажале дека народот никому не му даде независно право да владее.
Ако погледнеме наназад, ќе се сопнеме во комплицирана ситуација. Ако одиме на следните избори, ништо поинаку нема да се случи. Многу илузии исчезнаа. Речиси 80 отсто од луѓето рекоа дека сакаат влада, посочи Борисов. Им предлагам на другите партии да се повлечат, додаде тој.
Тој изјави дека не гледа опција во која ГЕРБ би коалицирале со ДПС, Јанев и Преродба.
На прашањето на БГНЕС каков, според него, треба да биде профилот на идниот премиер, Борисов одговори: „висок, виток, паметен, згоден, зборлив“.