За да се формира мнозинство во бугарскиот парламент, потребни се 121 пратеник. Според прогнозите, победничката коалиција ГЕРБ-СДС би имала 67 мандати, што значи дека ѝ недостасуваат уште 54

Бугарија го направи својот избор. Во 48. состав на Националното бугарско собрание ќе влезат седум политички партии, а прва политичка сила ќе биде коалицијата на ГЕРБ-СДС предводена од поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов.
Ова го покажуваат податоците на 100 отсто обработени гласови од страна на бугарската Централна изборна комисија (ЦИК).
ГЕРБ-СДС како победник на изборите, според првичните резултати, освои 25,33 отсто од гласовите. Околу пет процентни поени зад нив се Продолжуваме со промените на експремиерот Кирил Петков со 20,2 отсто.
ДПС со 13,76 отсто ќе биде трета политичка сила, а зад неа, според освоените гласови, е националистичката Преродба со 10,17 отсто.
Бугарската социјалистичка партија (БСП) освои 9,3 отсто, додека Демократска Бугарија 7,44.
Седмата партија која влегува во парламентот е Бугарски подем, на поранешниот технички премиер Стефан Јанев со 4,63 отсто.
Под потребниот цензус остана Има таков народ на Слави Трифонов со 3,83 отсто освоени гласови.
Националистичката ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов изборите ги заврши со катастрофален резултат со освоени само 0,38 отсто.
Каква е распределбата на мандатите
Бугарскиот парламент брои 240 пратеници, а за да се формира мнозинство потребни се 121 пратеник.
Според проекциите што ги направи агенцијата „Тренд“, победничката коалиција ГЕРБ-СДС би имала 67 мандати. Продолжуваме со промените на Петков ќе влезе со 53 пратеници.
Третопласираната ДПС, кон која се гледа како потенцијален партнер на ГЕРБ, според проекциите, би имала 36 пратеници. Понатаму, Преродба 27, БСП 25, додека Демократска Бугарија 20, а Бугарски подем 12 мандати.

Иако бугарските медиуми споменуваа и можна широка коалиција во која би биле и ГЕРБ и Продолжуваме со промените на двајцата поранешни премиери, второпласираниот Петков веќе отфрли можност да коалицира со Борисов и посочи дека тој може да направи коалиција со ДПС и Преродба.
При вакви проекции, пак, 67-те пратеници на ГЕРБ заедно со 36-те на ДПС и 27-те на Преродба би формирале мнозинство од 130.