„Секако дека одлуките се донесени од страна на Советот со мнозинство, меѓутоа овластениот потписник којшто ги има потпишано истите одлуки е Сашко Георгиев како претседател на Судскиот совет. Меѓутоа по одлуката на Управниот суд со тоа што беше констатирано незаконско разрешување и беше поништена таа одлука за незаконското разрешување стануваат ништовни понатаму и сите оние одлуки коишто биле донесени во смисла на одлуката за избор на новиот претседател, односно Сашко Георгиев. Така што станува збор за тоа дека во тој момент претседателот на Судскиот совет не бил овластен преставник и овластен потписник на одлуките на Судскиот совет коишто биле носени“, вели денеска во изјава за ТВ Телма Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Дали одлуките потпишани од сега веќе поранешниот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев, се легитимни и дали и кои од нив можат да бидат оспорени. Ова прашање се наметна во јавноста откако Управниот суд со пресуда го поништи разрешувањето на Весна Дамева, по што таа од вчера повторно седна на претседателското столче на Судскиот совет.

Според невладините, по пресудата на Управниот суд ништовна е и одлуката за изборот на Сашко Георгиев за претседател на ова тело по разрешувањето на Дамева во мај минатата година.
Ова уште вчера, по итната седница на Судскиот совет на која беше констатирана оставката на Георгиев, а Дамева беше вратена функцијата претседател, го истакнаа како став од Коалицијата „Сите за правично судење“.
„Судскиот совет констатираше престанок на мандатот на претседателот на Советот и ја спроведе одлуката на Управниот суд. Во оваа насока, сакаме да потенцираме дека ништовноста на одлуката за разрешување ги прави ништовни и сите дела, права и обврски засновани врз ништовниот акт, што меѓу другото ја вклучува и одлуката за избор на нов претседател. Оттука нејасно е како Советот констатираше престанок на мандат кој се смета дека никогаш не започнал да тече“,
се вели во кусото соопштение на Коалицијата „Сите за правично судење“ објавено на нивната фејсбук-страница.
Во образложението на оставката, Георгиев, вчера не ја коментираше одлуката на Управнот суд, но кажа дека неговиот избор за претседател на Советот воопшто не бил предмет на оваа постапка, отфрлајќи ги тезите во јавноста дека како резултат на пресудата тој бил нелегитимен како претседател.
Но, со него не се согласуваат од невладината.
„Секако дека одлуките се донесени од страна на Советот со мнозинство, меѓутоа овластениот потписник којшто ги има потпишано истите одлуки е Сашко Георгиев како претседател на Судскиот совет. Меѓутоа по одлуката на Управниот суд со тоа што беше констатирано незаконско разрешување и беше поништена таа одлука за незаконското разрешување стануваат ништовни понатаму и сите оние одлуки коишто биле донесени во смисла на одлуката за избор на новиот претседател, односно Сашко Георгиев. Така што станува збор за тоа дека во тој момент претседателот на Судскиот совет не бил овластен преставник и овластен потписник на одлуките на Судскиот совет коишто биле носени“,
вели денеска во изјава за ТВ Телма Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Прашана што ќе се случува со одлуките на Судскиот совет донесени во месеците по нејзиното разрешување, кога со Советот претседаваше Георгиев, односно дали тие ќе бидат важечки со неговиот потпис, Дамева вчера рече дека ова прашање спаѓа во доменот на досегот до каде се протегаат правните последици од пресудата на Управниот суд и најави дека тоа ќе се разгледува и анализира од страна на Советот. Посочи дека одлуката и по однос на ова прашање да биде донесена колективно со оглед на тоа што Судскиот совет е колективно тело.
Инаку за невладините, пресудата на Управниот суд е потврда на забелешките што тие ги имаа за работата на Судскиот совет во изминатиот период.
Од „Сите за правично судење“ велат дека по ова очекуваат оставки од членовите на Судскиот совет.
„Потврдува дека станува збор за нелегитимно тело и очекуваме дека ќе си дадат оставки затоа што веќе има судска одлука со којашто се докажува дека членовите на Судскиот совет имале донесено незаконска одлука и постапувале спротивно на законот во текот на нивниот мандат, па оттука дефинитивно е изгубен и легитимитетот и интегритетот на членовите по однос на нивната работа“,
вели Петковска во изјавата за ТВ Телма.
Вчера по тричасовна расправа на членовите на Судскиот совет за пресудата на Управен, која на адреса на Советот пристигна претходниот ден, ова тело закажа итна седница, на која беше констатирана оставката на Георгиев и потврдено дека Судскиот совет како претседател повторно ќе го води Дамева.

Инаку, меѓу одлуките што Судскиот совет ги донесе за време на осуммесечното претседателствување на Сашко Георгиев со ова тело беа изборот на нови судии од редот на кандидатите што ја завршија Академијата за судии и јавни обвинители и избор на претседатели на судови, што вчера и самиот Георгиев ги спомена образложувајќи ја својата оставка.
„За прилично краток период успеавме да избереме 30 судии од Академијата за судии и јавни обвинители, ги избравме и судиите во судовите во Скопје – процес кој траеше две години. Сите тоа го знаеме, но надминавме и други состојби и ситуации. Јас како претседател и сите заедно постигнваме солидни резултати во нашето работење“,
рече Георгиев.
Меѓу одлуките кои беа донесени во овој период беше и таа со која судијата Енвер Беџети кој го чуваше со месеци предметот за „Таргет-Тврдина“ против ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше казнет со 20 отсто од платата во период од шест месеци, потсетува Телма.
Последните случувања во Судскиот совет по пресудата на Управниот суд вчера беа повод новинарите да го прашаат за коментар премиерот Димитар Ковачевски, на што тој одговори мошне кусо.
„Во однос на Судскиот совет ги делам размислувањата на американскиот и холандскиот амбасадор“,
рече Ковачевски.
Коментирајќи ги случувањата во Судскиот совет и постапувањето на ова тело во однос на политичките притисоци врз Врховниот суд, Агелер во ноември лани изјави дека Судскиот совет не успеал во целост да ги исполни своите законски обврски и оти тоа не е правдата што ја очекуваат жителите на оваа земја.
Во критиките кон Судскиот совет зборови не штедеше ниту холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, кој во интервју за Радио Слободна Европа кон крајот на мај, кратко по превирањата во Судскиот совет со разрешувањето на Дамева, рече дека ова тело веќе не е легитимно.
Судскиот совет беше и под лупа на Оценска мисија на Европската Унија (ЕУ), а во извештајот кој беше објавен неодамна експерите на ЕУ излегоа со 40 препораки за подобрување на работата на ова тело. Извештајот не беше објавен во јавност, а за него на брифинг во главни црти информираше шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.
Судскиот совет изминативе денови освен по пресудата на Управниот суд е во фокусот на јавноста и поради постапката на Советот за разрешување на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Во рамките на постапката по иницијатива на членот на Советот, Миљазим Мурати, на последниот работен ден (29 декември) од минатата 2023 година, се одржа јавна расправа на Комисијата на известители, на која подносителот Мурати и претседателката на Врховен и нејзината одбрана ги соочија аргументите во однос на барањето за нејзино разрешување.