Грешката, оцени старо-новата претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, е направена, но исправена со пресудата на Управниот суд. Вели дека ако не преземела дејствија за утврдување на правдата при нејзиното разрешување, кое Управен утврди дека е незаконито, таа де факто ќе била соучесник во ова постапување
Пресудата на Управниот суд е првиот чекор напред којшто влева надеж дека правдата е достижна, а длабоко се надевам и очекувам дека ова ќе биде и почетокот за враќањето на довербата на граѓаните во судството.
Ова го изјави старо-новата претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, која од денеска повторно е на чело на ова тело откако во мај минатата година беше разрешена од претседателската функција. Таа е повторно вратена на челната позиција во Судскиот совет откако Управниот суд ја поништи одлуката за нејзиното разрешување, оценувајќи дека Дамева незаконски и без образложение била сменета од претседателската функција.
„Нашата работа и сите заложби ќе останат декларативни ако правдата не е видлива. Јас сум за вистината без оглед кој ја кажува. Јас сум за правдата без оглед за кого е и против кого е. Ако целта на критиката е во насока на подобрување на одредени состојби и надминување на одредени слабости, а лично сметам дека таа е целта, таа критика мора и треба да биде прифатена подеднакво и позитивно од сите нас“,
изјави Дамева за новинарите.

Грешката, оцени Дамева, е направена, но е исправена со пресудата на Управниот суд. Вели дека по нејзиното разрешување минатата година ги преземала сите правни дејствија со цел утврдување на правдата.
„Како тогашен разрешен претседател и како член на Судскиот совет, но пред сè како граѓанин јас ги преземав сите дејствија во насока на утврдување на правдата, на санкционирање на одредени постапки, бидејќи ако тоа не го сторев, јас де факто ќе бев соучесник во сите постапувања, не само за моето разрешување туку и за други одлуки“,
вели Дамева.
На прашањето со каков легитимитет ќе постапува Судскиот совет по пресудата на Управниот суд, Дамева вели дека легитимитетот на ова тело воопшто и не е доведен во прашање бидејќи, како што рече, одлуката за нејзниото разрешување, која Судот ја оцени за незаконита, не била донесена заеднички од сите членови на Советот.
„Има законска постапка и начин како се разрешува Судскиот совет, тоа не може да биде ако некому му текнало одреден член да биде разрешен. Ако не постапува совесно или ако прекршил некоја законска одредба, секој член од Советот може да биде санкциониран на начин и постапка утврдена со закон. Но, најважна е моралната одговорност на секој од нас. Секој од членовите ако смета дека направил какава било повреда, гласал од кои било причини, или при самото гласање сметал дека гласа незаконито, во тој случај останува на неговата совест“,
додаде Дамева.
Прашана што ќе се случува со одлуките на Судскиот совет донесени во месеците по нејзиното разрешување, кога со Советот претседаваше Сашко Георгиев, односно дали тие ќе бидат важечки со неговиот потпис, Дамева вели дека ова прашање спаѓа во доменот на досегот до каде се протегаат правните последици од пресудата на Управниот суд и најави дека тоа ќе се разгледува и анализира од страна на Советот. Посочи дека одлуката и по однос на ова прашање да биде донесена колективно со оглед на тоа што Судскиот совет е колективно тело.
На прашањето какво однесување очекува од своите колеги во ваквиот пресврт во Судскиот совет, Дамева изрази очекување дека ова тело понатаму ќе работи без опструкции, а секое опструирање, непостапување или недоаѓање на седниците, согласно законската процедура, соодветно и понатаму ќе се санкционира, што, како што рече, важи за сите членови на Советот подеднакво.