Коментирајќи ги случувањата во Судскиот совет и постапувањето на ова тело во однос на политичките притисоци врз Врховниот суд, Агелер во лани во ноември изјави дека Судскиот совет не успеал во целост да ги исполни своите законски обврски. Во критиките кон Судскиот совет зборови не штедеше ниту холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, кој во интервју за Радио Слободна Европа кон крајот на мај, кратко по превирањата во Судскиот совет со разрешувањето на Дамева, рече дека ова телото веќе не е легитимно
Премиерот Димитар Ковачевски денеска мошне кусо одговори на прашањата на новинарите за коментар за актуелните случувања поврзани со Судскиот совет.
„Во однос на Судскиот совет ги делам размислувањата на американскиот и холандскиот амбасадор“,
рече кусо премиерот.

Инаку, Судскиот совет изминативе денови е во фокусот на јавноста поради пресудата на Управниот суд кој ја поништи одлуката на Советот за разрешување на поранешната претседателка на ова тело, Весна Дамева, која судот ја оцени како незаконита и без образложение.
Другиот повод поради кој очите на јавноста се вперени во ова тело е постапката на Советот за разрешување на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Во рамките на постапката по иницијатива на членот на Советот, Миљазим Мурати, на последниот работен ден од минатата 2023 година, се одржа јавна расправа на Комисијата на известители, на која подносителот Мурати и претседателката на Врховен и нејзината одбрана ги соочија аргументите во однос на барањето за нејзино разрешување.
Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, на чии ставови во врска со Судскиот совет, денеска се повика премиерот Ковачевски, досега во повеќе наврати ги критикуваше состојбите во македонското правосудство, осврнувајќи се конкретни случувања и одлуки кои предизвикаа бура во јавноста. Посочувајќи дека САД изминатите години издвоиле десетици милиони долари за подобрување на состојбите во правосудството, без видливи резултати, нејзините критики не го одминаа ниту Судскиот совет.

Коментирајќи ги случувањата во Судскиот совет и постапувањето на ова тело во однос на политичките притисоци врз Врховниот суд, Агелер во ноември лани изјави дека Судскиот совет не успеал во целост да ги исполни своите законски обврски и оти тоа не е правдата што ја очекуваат жителите на оваа земја.
„Судскиот совет – теоретски независно тело – има клучна одговорност за назначување квалификувани судии и за дисциплинирање на оние што не ги исполнуваат највисоките стандарди. Мандатот на Советот е да обезбеди правилно и транспарентно функционирање на судството во оваа земја. Жал ми е што морам да кажам дека сме виделе малку докази што укажуваат дека овие свети должности се исполнети. Народот на оваа земја заслужува подобро“,
рече Агелер.
Коментарите на Агелер дојдоа неколку дена откако таа одржа работна средба со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која, пак, јавно ги осуди политичките притисоци врз неа и врз институцијата што ја води, особено по барањето за враќање на аболицијата на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов од 2016 година.
Претходно, на 11 април минатата година Агелер испрати писмо до Владата и до судовите во кое ја изрази својата и загриженоста на Соединетите Американски Држави за состојбите со правосудството.
Ова писмо беше повод за караници во Судскиот совет, каде дел од членовите ја обвинија тогашната претседателка Весна Дамева дека го криела, по што следеше и контроверзната постапка во која таа беше разрешена.
Во критиките кон Судскиот совет зборови не штедеше ниту холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, кој во интервју за Радио Слободна Европа кон крајот на мај, кратко по превирањата во Судскиот совет со разрешувањето на Дамева, рече дека ова тело веќе не е легитимно.

Поради тој преседан, рече Коп, Холандија ставила во мирување еден голем проект поврзан со Судскиот совет.
„Ова е всушност истиот проблем како со корупцијата. Во минатите две години мислевме дека видовме напредок, подобар менталитет, независно поставување на судии во Судот, но исто така сега повторно гледаме дека работите се влошуваат. Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови, и да, тоа е многу загрижувачко, се натрупува едно по друго и дозволете да ве потсетам дека во февруари 2020 година, кога Парламентот донесе закон со кој гарантираше процесирање на случаите на СЈО, случаите со масовното преслушување и тоа беше единствениот настан што направи мојата земја да се согласи за членство на Северна Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година. Тоа е централно прашање и го следиме внимателно. Тоа е дел од поглавјето „основи“ кое прво се отвора, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но она што ние напротив го гледаме е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој, а сега го имаме и случајот со Судскиот совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Сускиот совет. Ситуацијата е многу сериозна“,
рече Коп во интервјуто емитувано на 28 мај 2023 година.
Во врска со неговите ставови дека актуелниот состав на Судскиот совет го загубил легитимитетот, холандскиот амбасадор, неодамна во интервју за „360 степени“ рече:
„Најитната работа која е потребна е да се смени е менталитетот. Земјата навистина треба да сака да стане членка на ЕУ, навистина мора да е справи со корупцијата. Без тоа напредок во која било област е невозможен. Мислам дека би бил добар совет за земјата да биде исклучително внимателна во зачувувањето на својата прореформска демократија, заштита на слободата на говорот, да ја зачува релативната независност на медиумите… Без овие работи каков било напредок не можен. Што друго земјата треба да направи, зависи од Северна Македонија, таа е суверена земја и од неа зависи кои се нејзините приоритети. Таа вели дека сака да е членка на ЕУ и затоа треба, во таа рамка, прецизно да ги одреди приоритетите. Јасно е дека за Холандија најголема загриженост е владеењето на правото, но на крајот ова е ваша, а не наша земја.“