Регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге, на редовна прес-конференција за коронавирусот рече дека земјите од Западен Балкан рамномерно ќе добијат вакцини.
„Политиката на СЗО е таква што гледаме вакцините да се дистрибуираат рамномерно и праведно насекаде, така што сите земји од Западен Балкан ќе ја добијат вакцината, како и Србија“,
порача Клуге.
Србија, иако не е членка на ЕУ, меѓу првите држави од Западен Балкан почна со вакцинација на 24 декември. Првата тура вакцини кај нив пристигна во 4 800 дози, а неколку дена по Нова година српските власти информираа дека стигнале уште 19 000 дози од „Фајзер“.
Првите вакцини во С. Македонија се очекува да стигнат во февруари, и тоа само 5 850 дози од „Фајзер“, но премиерот Зоран Заев најави дека е можно и порано ако ЕУ покаже солидарност и одвои 5 отсто од своите вакцини за земјите од Западен Балкан.