Не сакам да се вовлекувам во политички битки, особено не во сегашната ситуација. Бесмислено е. Морам да работам за градот, објави градоначалникот на Киев
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, вели дека нема смисла да се расправа, одговарајќи на критиките од Зеленски дека не е направено доволно за да му се олесни на населението кое се соочува со недостиг на струја и греење.
„Формирани се 430 ‘центри за затоплување’ за да му помогнат на населението да се справи со последиците од руските напади врз електраните“,
рече градоначалникот додавајќи дека се планира отворање на уште стотина вакви центри во случај на екстремни услови.
Претседателот Володимир Зеленски минатата недела рече дека добива „особено многу поплаки од Киев“ за мерките.
„Не сакам да се вовлекувам во политички битки, особено не во сегашната ситуација. Бесмислено е. Морам да работам во градот“,
објави Кличко на Телеграм.
Кличко оцени дека советниците на претседателот се вклучиле во „манипулација“ и „тоа не е добро ниту за Украинците ниту за странските партнери“.
„Денес, кога треба да бидеме обединети и да работиме заедно, се игра еден вид политичка игра“,
рече тој.
Минатата недела Зеленски се заложи за отворање на „центри за непобедливост“ низ Украина, засолништа каде што жителите ќе можат да се загреваат, да имаат вода, интернет, мобилни врски и лекови достапни бесплатно, 24 часа на ден.
Русија прави хаос во украинските енергетски капацитети откако претрпе серија порази на бојното поле и се повлече од јужниот град Херсон, единствениот голем град што го освои од почетокот на инвазијата.
Во ноќното обраќање во петокот, Зеленски рече дека градоначалникот на Киев не направил доволно за да ја олесни ситуацијата за населението. Зеленски убедливо победи на изборите во 2019 година, пет години откако Кличко ја презеде функцијата градоначалник на Киев. Пред војната, двајцата лидери се судрија околу начинот на кој беше организиран животот во главниот град.
До вчера во Киев има струја, вода, парно и мобилна телефонија, соопштено е на апликацијата Телеграм. Завршните работи на електричната мрежа продолжуваат, но поради голема потрошувачка можни се локални прекини, соопштија воените власти.