„Целта не е скратување на оправданите боледувања, туку спречување на злоупотребите. Дигитализацијата е неминовна за поголема ефикасност и транспарентност“, вели директорот на ФЗО

Бројот на контроли врз издавањето боледувања во 2025 година е речиси двојно зголемен во споредба со претходната година, соопшти денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски. Тој најави системски промени кои треба да ги спречат злоупотребите, но и да го олеснат патот за оние на кои помошта им е навистина потребна.
Клековски нагласи дека се работи на измени на правилникот за боледувања, во соработка со матичните лекари, синдикатите и работодавачите. Вели дека е неминовна целосна дигитализација на процесот, по примерот на Словенија и Србија.
„Целта не е скратување на оправданите боледувања, туку спречување на злоупотребите. Дигитализацијата е неминовна за поголема ефикасност и транспарентност“,
изјави Клековски додавајќи дека моментално имаат и големо барање за контроли од страна на Министерството за одбрана.
Едно од најважните прашања на кои работи ФЗО е анализата на боледувањата поврзани со бременоста. Клековски откри дека се испитува колку често се користат дијагнози како „патолошка бременост“ или „нега на член на семејство“.
Ако анализата покаже дека овие боледувања се масовно поврзани со самиот процес на мајчинство, ФЗО ќе размислува за системски промени.
Клековски потврди дека се прават пресметки дали и како породилното отсуство би можело да се продолжи на една година, земајќи ги предвид буџетските можности.
