„Треба да се воведе регистар на пациенти и други подобрувања за соодветно планирање и следење“, вели директорот на ФЗО

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) има информации дека на Клиниката на радиотерапија и онкологија нема биолошка терапија за пациентите, а тоа според директорот Сашо Клековски е поради несоодветно планирање во 2024 година, преминот од 2024 во 2025 година и зголемен број пациенти во декември.
„Фондот во 2024 година за Клиниката одобри дополнителни пет милиони евра. Фондот работи на договор на зголемен буџет за 2025 година. И покрај напорите за зголемување на финансиите, Клиниката треба да има јасни и транспарентни критериуми за вклучување на пациентите на посебните терапии. Треба да се воведе регистар на пациенти и други подобрувања за соодветно планирање и следење“,
вели Клековски во изјава за МИА.
Пациентите на Онкологија денеска алармираа дека на Клиниката од петокот немаат шест лекови од биолошката терапија, а стравуваат дека за брзо време може да снема уште три други.
Ана Марјановиќ, пациентка и дел од здружението „Хема-онко“, вели дека Клиниката за онкологија не е во можност да одговори на зголемувањето на бројот на пациентите со метастатски канцери и тоа е една од причините зошто се појави овој недостаток. Како втора причина Марјановиќ вели дека е тоа што „ние пациентите го гледаме како позитивен исход, а тоа е се продолжува животот на пациентите и затоа подолго период имаат потреба од оваа терапија“.
Проблемот го потврдија и од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје од каде што велат дека е резултат на административни процедури, кои се реализираат согласно буџетот за 2024 година.
Во врска со предизвиците поврзани со тендерските постапки, како што информираат, веќе се преземаат мерки за подобро планирање на набавките и поедноставување на процедурите.
За недостатокот на биолошката терапија денеска реагираа од СДСМ од каде рекоа дека е алармантен проблем бидејќи станува збор за лекови кои буквално значат живот за пациентите со метастатски канцери.