Директорот појасни дека меѓу најчестите причини за застој во исплатите се погрешните пријави од страна на фирмите кои не ги разликуваат процедурите за патолошка бременост и за редовно породилно отсуство

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) активно работи на изнаоѓање техничко решение за надминување на проблемите и доцнењата при исплатата на надоместокот за породилно отсуство. Ова денеска го изјави директорот на ФЗО, Сашо Клековски, при неговата посета на Прилеп, одговарајќи на новинарски прашања поврзани со овој чест проблем за родилките.
Според Клековски, дел од проблемите се должат на административни пропусти на самите работодавци, особено кај помалите компании.
Директорот појасни дека меѓу најчестите причини за застој во исплатите се погрешните пријави од страна на фирмите кои не ги разликуваат процедурите за патолошка бременост и за редовно породилно отсуство.
„Разликата е во тоа што за патолошка бременост надоместот изнесува 70 отсто, а за породилно отсуство е 100 проценти. А за тоа мора да се поднесе ново барање. Само овој месец имавме 10-ина случаи на жалби и констатиравме дека е побаран надомест за патолошка бременост, а не е испратен документ дека родилката е на породилно отсуство. Работиме на тоа, ние постојано се извинуваме за непријатностите, меѓутоа се трудиме да најдеме техничко решение за да го олесниме процесот и на пријавување и на исплата“,
објасни Клековски.
Клековски призна дека постојниот систем за исплата е таков каков што е има и проблеми особено при обработката на првиот и на последниот месец од боледувањето, кои сè уште поминуваат низ рачна процедура за верификација.
„Во основа, подрачните служби ги верификуваат породилните отсуства, па потоа ги испраќаат во Дирекцијата во Скопје каде што се врши исплатата. Како што пристигнуваат породилните и другите долги боледувања во централата, така ги исплаќаме“,
додаде тој.
Според него, само минатиот месец, за сите видови боледувања биле исплатени 511 милиони денари, додека во текот на минатата година, за породилни боледувања биле издвоени вкупно 72 милиони евра.
Клековски рече дека се бара техничко решение за овие проблеми да се надминат бидејќи овие исплати се фреквентни и променливи на месечно ниво
