Ќе се анализира и како реагирал системот во Гостивар. Министерот Клековски вели дека е подготвен да понесе и лична одговорност ако се покаже дека има основа за тоа

Акутната фаза на епидемијата во Гостивар е во смирување, кажа на денешната прес-конференција министерот за здравство Сашо Клековски. Бројката на новопријавени случаи од епидемијата во Гостивар изнесува 109 и според него во одреден момент ќе мора да почне раздвојување на она што е редовна состојба, а што е поврзано со епидемијата.
Тој упати апел до матичните лекари и здравствените институции – фокусот да го стават на постакутната фаза, односно да се следи евентуална појава на хепатит А и Е, меѓутоа и на други заразни болести кои може да се јават на „опашката“ на гостиварската епидемија.
„Во врска со тој засилен здравствен надзор ќе бидат испратени соодветни упатства до Центарот за јавно здравје, до здравствените установи, до матичните лекари, а ќе бидат дадени насоки за комуникација со населението. Клучно е да има рано препознавање за да можеме да реагираме соодветно, а здравствените установи се веќе подготвени во смисла на капацитет на тестирање на третман“,
кажа Клековски.
Паралелно, како што кажа министерот, ќе се анализира законската регулатива за известување за заразни болести и соодветни архивски податоци со поврзани дијагнози од „Мој термин“, за да се оцени текот на настаните и како реагирал системот во Гостивар. Тој посочи дека има стандарди на колку пациенти се прогласува епидемија.
„Стандардот за јули во Гостивар е 25 пријави во извештајот на заразни болести. Во петокот, на седумнаесетти, мислам дека биле 19 поднесени. Во тој момент спрема стандардите на законот не постоеле услови да се прогласи епидемија. Еве, ќе ги земеме предвид и сите слични дијагнози од ‘Мој термин’ и ако се покаже дека имало основа да се реагира, сите, вклучително и јас, ќе понесеме одговорност бидејќи поентата е да научиме нешто од тоа што се случува, не е поентата само да кажеме кој е виновен, треба нешто да направиме тоа веќе да не се повторува“,
рече Клековски.
