Обвинетиот во случајот „Рекет“, Зоран Милески-Кичеец, кој призна вина, утре ќе ја слушне пресудата.
Судијката Васка Николовска-Масевска рочиштето за изрекување пресудата го закажа за утре, а денеска дозволи одбраната и обвинителството да ги кажат завршните зборови.
„Како одбрана, а исто и обвинетиот, се соочивме со една ситуација во која обвинетиот имал шанса како сведок да го избегне обвинението. Но, дали од незнаење, дали поради случувањата, не знам, тој се довел во ситуација да биде обвинето лице“, рече неговиот адвокат Александар Новаковски.
И Новаковски и адвокатката Сања Алексиќ побараа од судот да ги земе предвид олеснителните околности, како што се тоа дека татко му на Кичеец е болен од карцином и дека е татко на пет малолетни деца.
Кичеец не сакаше да зборува многу, само рече дека останува на завршните зборови на своите адвокати.
Обвинителката Вилма Русковска побара при изрекување на пресудата да се земат предвид сите олеснителни и отежнителни околности.
„Со оглед дека обвинетиот ја призна вината, целосно се докажа дека го сторил делото за кое беше обвинет. Предлагам судот да му изрече казна ценејќи ги сите олеснителни и отежнителни околности“, рече Русковска на крајот од денешното рочиште.
На денешното прво судско рочиште за „Рекет“ првообвинетиот Бојан Јовановски се изјасни дека не чувствува вина и најави дека ќе ги открие организаторите и помагачите. И поранешната јавна обвинителка Катица Јанева не се чувствува виновна за делото за кое се товари, а нејзиниот адвокат најави дека како сведоци ќе ги повика сите обвинители од СЈО.
Судењето за Јовановски и Јанева продолжува на 6 декември, за кога се повикани да дадат исказ сведоците Јордан и Ана Камчеви.
Повеќе детали за стартот на судењето, обвинението, судијката која го води рочиштето и делата што им се ставаат на товар на обвинетите можете да прочитате ТУКА.