Донесени се тешки одлуки со очекувања за напредок, а претстои уште една и затоа САД ја охрабруваат Северна Македонија да продолжи по тој пат со сегашниот предлог за пристапување во ЕУ, вели во отвореното писмо американската амбасадорка во земјава, Кејт Мери Брнз
Амбасадорката Брнз во отвореното писмо, објавено на веб страницата на Американската амбасада нагласи дека земјава го достигнала историскиот момент во нејзиното долго патување кон евроатлантската иднина.
Таа напомена дека повеќе влади и пошироката јавност две децении работеле и се уште работат на пристапувањето кон ЕУ и додаде дека САД се со земјава по патот за остварување на евроатлантската иднина од 2004 година, при што првата аспирација – членство во НАТО е остварена.
„Сега сакаме да ве видиме како ги остварувате придобивките што произлегуваат од активниот процес на пристапување кон ЕУ и ги користите правата како земја членка на ЕУ“,
вели амбасадорката Брнз.
Земјава, како што вели, се соочила со предизвици во однос на македонскиот јазик и идентитет, кои се суштински дел од тоа што ја прави една нација. Донесени се тешки одлуки со очекувања за напредок, а претстои уште една и затоа САД ја охрабрува Северна Македонија да продолжи по тој пат со сегашниот предлог за пристапување во ЕУ.
„Не ви треба потсетување дека низа влади и пошироката јавност две децении работеа и се уште работат на пристапувањето кон ЕУ. Како сојузник, партнер и пријател, ние имаме реален интерес во обезбедувањето на вашата евроатлантска иднина. Го одиме овој пат заедно од 2004 година, спроведувајќи програми и обезбедувајќи помош во реализирањето на вашите аспирации и за НАТО и за ЕУ. Ја остваривте првата аспирација. Сега сакаме да ве видиме како ги остварувате придобивките што произлегуваат од активниот процес на пристапување кон ЕУ и ги користите правата како земја членка на ЕУ“,
додава амбасадорката Брнз.
Според неа, пристапувањето кон ЕУ ќе ја направи Северна Македонија посилна, а прифаќањето на овој предлог значи дека, конечно, земјата ќе има свое место на масата за пристапни преговори.
„Тоа ве става во истата просторија со земјите членки на ЕУ, од кои многу се ваши блиски партнери и сојузници. Европската комисија ќе ги прима вашите тимови во Брисел и ќе испраќа свои експерти тука на терен, за да го спроведат процесот на скрининг и самите да станат сведоци на живото демократско општество овде. Откако ќе ги започнете преговорите, ќе имате повеќе алатки на располагање и благодарение на новата методологија, ран пристап до фондовите и програмите на ЕУ, кои ќе можете да ги користите за реализација на сопствените цели и изградба на иднина каква што посакувате за себе и за вашите деца. А тогаш кога ќе бидете членка на ЕУ, ќе имате еднаков глас внатре во Унијата, исто како што сега имате во НАТО“,
вели амбасадорката Брнз.
Амбасадорката вели дека прашањата содржани во предлогот се технички и биле презентирани без многу време за јавна дебата. Вели дека разбира оти предлогот не е таков каков што вие би го подготвиле доколку би имале можност еднострано да ги диктирате условите – но, тој го признава македонскиот јазик и идентитет и ги заштитува од понатамошни предизвици. Иако можеби не е совршен, предлогот го прави она што е потребно – ги заштитува клучните интереси и овозможува отпочнување преговори и динамичен процес на скрининг.
„Изборот да продолжите напред е ваша одлука како суверена нација. Знаеме дека одлуката е тешка. Но одлуката ќе остане ваша и кај вас и низ целиот пристапен процес. Кога ќе сте на преговарачката маса, и кога ќе сметате дека вашите забелешки не го добиваат потребното внимание, ќе имате можност да направите различни избори. Но, треба да го направите првиот чекор за да стасате до вториот. Суштината на демократијата е слободата на избор. Суштината на пријателството е да ги поддржуваме одлуките на нашите пријатели и да повикаме на храброст во времиња на предизвици. Како ваш пријател, Соединетите Американски Држави се надеваат дека ќе го изберете најдоброто за вашата земја денес, а и за нејзината иднина“,
стои во соопштението на амбасадорката Брнз.