„Нашата позиција е многу јасна, нашата оценка е дека предлогот го штити интересот на Северна Македонија во пристапниот процес. Тоа е наше и мислење на нашите експерти“, вели Брнз
Кога се работи за пристапувањето во Европската Унија тоа е разговор кој треба да го водат Северна Македонија и Унијата, а Вашингтон отсекогаш го поддржувал пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, порача во интервју за МИА, американската амбасадорка, Кејт Мари Брнз, и изрази надеж дека францускиот предлог ќе биде компромис што ќе ги отвори следните чекори.
На прашањето дали САД се запознаени со содржината на протоколот и дали е тој нешто за кое македонските граѓани треба да бидат загрижени, амбасадорката одговори дека САД на процесот гледа одвоенo и секогаш истакнувале дека билатералните прашања треба да бидат решавани надвор од преговарачката рамка.
„Нашата позиција е многу јасна, нашата оценка е дека предлогот го штити интересот на Северна Македонија во пристапниот процес. Тоа е наше и мислење на нашите експерти. Билатералниот протокол за кој говорите, до некаде изгледа дека е споен во овие два процеса. Билатерален договор меѓу Скопје и Софија треба да има. Слушнавме како некои нешта се нафрлаат. Мислам дека ова е дел од забуната, тоа што напоменавте дека јавноста не е сигурна какви ќе бидат тие дискусии. Ќе има посебни дискусии, и мислиме дека тие прашања треба да бидат решени на билатерална основа и тоа го кажавме уште на почетокот. Секако не само за влезот во ЕУ, туку и за вашата долгорачна стабилност важно е тие прашања да се решат“,
истакна Брнз.
Според Брнз, Северна Македонија се соочува со специфична одлука што треба да ја донесе – дали предлогот ставен на маса е добар за одење напред и дали тој предлог го почитува македонскиот идентитет и јазик.
„Според наше мислење да, го почитува. Имаше неколку изјави, не само од високи ЕУ лидери, туку и од лидери на земји членки кои исто така ја признаваат вредноста на овој предлог, тоа што го признава македонскиот јазик и идентитет. А тоа е важно за граѓаните на Северна Македонија, да размислат додека ја носат оваа одлука и тоа е одлука што тие ја носат“,
вели Брнз.
На прашањето дали се согласува со претседателот Стево Пендаровски дека странски актери од трети земји водат кампањи на дезинформации во Северна Македонија во обид да се прават поделби во јавноста и да се дестабилизира ситуацијата, Брнз одговара дека дезинформациите се проблем во сите општества.
„Како и вие во Северна Македонија, со тоа се судираме во однос на секој голем политички проблем и овде во САД. Дезинформацијата и погрешната информација се употребувале во минатото. Затоа е мошне важно да се има веродостојни извори, да се прави транспарентна јавна и парламентарна дебата. Важно е вистинската информација, вистинското читање за тоа што има во документите (за пристапниот процес) да биде презентирано и луѓето да имаат можност да одговорат“,
посочуваа таа.