ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од утрово си разменуваат соопштенија за тоа кој брза, а кој бега од изборно соочување во јуни
Лидерите на парламентарните партии денеска напладне ќе се сретнат повторно во претседателската вила во обид да договорат нов датум за прекинатите предвремени парламентарни избори, откако Комисијата за заразни болести, ДИК и ОБСЕ излегоа со свои ставови околу тоа како би се спровел изборниот процес во време на епидемија со ковид-19.
Комисијата за заразни болести подготви протокол за заштитните мерки што треба да се преземат за гласањето да се спроведе побезбедно за здравјето на гласачите и на членовите на изборната администрација.
Членовите на ДИК, по средбата со претседателот Стево Пендаровски, доставија мислење околу роковите за довршување на изборниот процес, кој беше прекинат 22 дена пред гласањето, односно два дена пред стартот на кампањата.
Од МНР, во текот на викендот, соопштија дека добиле позитивен одговор од ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на изборите, посочувајќи дека целосното известување од мисијата ќе биде прво презентирано пред партиските лидери.
Позициите на СДСМ во однос на датумот кога треба да се одржат изборите се познати. Владејачката партија смета дека процесот треба да заврши до крајот на јуни, односно 22 дена по завршувањето на вонредната состојба, која според третата одлука на Пендаровски би траела до 30 мај. Според тоа, 22. ден би бил на 21 јуни (недела), иако останува отворена можноста гласањето да се помести и за 28 јуни.
Од ВМРО-ДПМНЕ претпладнево, практично, навестија дека и на оваа лидерска средба ќе настапат со позиции дека здравствената ситуација во државата сѐ уште не е ставена под контрола и дека СДСМ брза со избори за да избегне поголем пораз.
„Зоран Заев и СДСМ, и по цена на животи и по цена на економски колапс, брзаат да одат на избори само за да го ублажат поразот. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги победи нивните штетните политики кога и да се одржат изборите, но интересот на граѓаните и на државата ни се пред сѐ“,
се наведува во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ реагираа дека Христијан Мицкоски се плаши од избори. Како што се наведува во реакцијата на СДСМ, изборите треба да се одржат во првиот можен термин, согласно протоколите за заштита, бидејќи официјалните податоци на здравствените институции покажуваат дека епидемијата е ставена под контрола и дека постојат услови за одржување на одложените парламентарни избори.
