Јавното обвинителство соопшти дека синоќа дежурен јавен обвинител извршил увид во Чаир, каде што по пукање со автоматско оружје едно лице почина, а три се повредени.
„Јавниот обвинител издаде наредби за прибирање и анализа на трагите пронајдени на самото место, како и наредба за обдукција на починатиот. По наредба на јавниот обвинител, обезбедени се снимките од видеонадзорот на околните објекти“,
соопшти Обвинителството.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека две лица пукале во чајџилницата „Браќа Реџепагиќ“ во Чаир. Дел од медиумите јавуваат дека починатото лице е брат на Камбер Идризи, кој бил убиен за Рамазан бајрам минатата година.
Инцидентот е пријавен во полиција во 21:40 ч. Од МВР велат дека полициските екипи извршиле увид на местото на настанот и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот. По сторителите трага и Обвинителството.
