Министерот најави и зголемување на поддршката од седум евра по превезен патник од скопскиот аеродром на девет евра, а на охридскиот аеродром наместо 4-5 евра како досега ќе се доделуваат 12 евра по превезен патник
Владата од следната година ќе врши субвенционирање на авиопревозот по дестинации, а не како досега по авиокомпании, соопшти денеска министерот за транспорт Александар Николоски.
Покрај ова, Николоски рече дека Владата донела одлука и за субвенционирање на патник кој е на доаѓање, наместо како што беше досега, на заминување.
Николоски денеска на прес-конференција ги презентираше сетот мерки на Владата кои во 2025 година ќе го зголемат бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром.
„Со новата програма што ќе започне од 1 јануари 2025 година и ќе трае до 31 декември 2027 година се планира на годишно ниво сума од 125 милиони денари или вкупно 375 милиони денари за поддршка на авиосообраќајот или за еден милион евра повеќе од досега планираното“,
рече Николоски и додаде дека повикот за субвенциониран авиопревоз ќе биде објавен следната недела.
Според министерот, сетот мерки траба да донесат во Македонија 200 илјади патници повеќе од досега, а во годините што следуваат тој број и да се зголемува.
Николоски кажа дека земјава се соочува со намалување на бројот на летови, на бројот на дестинации и на патници што е резултат на повеќе фактори за кои, како што вели, треба да се наоѓаат решенија во следниот период.
„За таа цел се коригираат условите за авиокомпаниите кои би учествувале во авиосообраќајот. Тие би требало да имаат превезено најмалку пет милиони патници во текот на 2023 година и да имаат најмалку 10 милиони евра профит во 2023 година. Во новата програма се трга и барањето за задолжително оперирање на дестинацијата по истекот на периодот за поддршка за онолку време колку што била предвидена финансиска поддршка, што е главната причина зошто се намалуваше бројот на патници од охридскиот и од скопскиот аеродром. Покрај тоа, повеќе нема да се субвенционираат авиокомпании, туку дестинации, што значи дека повикот ќе биде отворен за сите авиокомпании кои ги исполнуваат условите за секоја засебна дестинација“,
рече Николоски.
Тој вели дека на овој начин се решава проблемот со зависност од една авиокомпанија, а токму тоа, како што додаде, била причината за намалувањето на патници од скопскиот и од охридскиот аеродром од над 330 илјади патници годинава поради проблемот што го има „Визер“ со сопствените авиони, што на ниеден начин не е поврзан со состојбата во земјава.
„За да се избегне во иднина зависност од само една авиокомпанија, воведуваме субвенции по дестинации“,
рече министерот.
Друга промена што ја најави Николоски е субвенционирањето по патник на заминување со цел да се носат туристи на кои ќе им се овозможи полесен, побрз и поевтин начин да дојдат во земјава.
Исто така, денеска беше најавено и зголемување на поддршката од седум евра по превезен патник од скопскиот аеродром на девет евра, а на охридскиот аеродром наместо 4-5 евра како досега, ќе се доделуваат 12 евра по превезен патник.
„Новите дестинации може да бидат и надвор од Европската Унија. На овој начин очекуваме да привлечеме патници и туристи од Блискиот и од Далечниот Исток и од други дестинации. Очекуваме поради тоа во следната година бројот на патници да се зголеми најмлаку за 200 илјади“,
рече Николоски додавајќи дека досега се субвенционирале летови само во рамките на аеродроми кои се наоѓаат во ЕУ.