За во 14:15 часот е закажана 36. пленарна седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, а 15 минути претходно, во 14 часот, е закажана 32. седница
Според најавата од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, пратениците од оваа партија остануваат на ставот од минатата недела – да бидат во салата само за антикризните закони, но од Алијанса и Алтернатива велат дека ако е потребно тие ќе го направат кворумот за претходната седница
Во Собранието денеска ќе има уште еден обид да бидат изгласани законите од петтиот антикризен пакет со што тој треба да стане функционален.
За во 14:15 часот е закажана 36. пленарна седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, а 15 минути претходно, во 14 часот, е закажана 32. седница.
Законите од петтиот пакет се очекуваше да бидат изгласани во четвртокот, координаторите на пратеничките групи, дел од пратениците и претседателот на Собранието повеќе од два часа се расправаа дали да се гласа по точките од 32. седница и потоа да се продолжи 36. седница или да се одложи гласањето поради немање кворум и да се продолжи со 36. седница.
Според најавата од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, пратениците од оваа партија остануваат на ставот од минатата недела – ќе учестуваат на 36-та, но не и на 32-та седница.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во Собранието и ќе учествува во работата на 36. седница. Доколку немаат пратеници, сите 44 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат во пленарната сала. Нема да бидеме внатре на 32. седница. Работа на претседателот на Собранието е да констатира има или нема кворум за 32. седница. Доколку има кворум, работи по 32.седница и завршува со неа. Доколку нема кворум, не ја ни почнува или констатира и ја презакажува за некој нареден период“,
изјави Мицевски за Сител вчеравечер.
Но, она што може да направи напредок во оваа статус-кво ситуација е најавата што дојде вчера од претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, кој во изјава за „360 степени“ вели дека имаат начелен договор со својот коалициски партнер, лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, да присуствуваат на утрешната седница на Собранието.
„Ние рековме дека ќе ги поддржиме антикризните мерки, но се уште не ни е јасно зошто Талат Џафери упорно инсистира пред седница на која ќе се гласаат (36. седница н.з), да биде одржано продолжение на 32. седница. Навистина не можеме да го разбереме неговото однесување“,
вели Гаши за „360 степени“.
Тој, сепак, потенцира дека нема да им дозволат на ДУИ и на Талат Џафери да ги користат како алиби и ќе учествуваат во работата на парламентот и доколку навистина има потреба и нема кворум, тогаш вели дека нивните пратеници ќе влезат во собраниската сала и ќе го обезбедат.
Уште едно сценарио кое се најавува е од владејачката партија кое вчера за „360 степени“ го навести координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески – ако постигнатиот договор на нивниот лидер Заев со Села и со Гаши за Законот за државјанство не придонесе за нормализирање на работата на Собранието, тогаш ќе бидат принудени, пратениците од мнозинството кои се болни од ковид да бидат донесени во салата и да учествуваат во работата со скафандери.
Тројца пратеници од власта се позитивни на ковид, а неофицијално, денеска од изолација излегува еден од нив.