Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, во изјава за „360 степени“ вели дека имаат начелен договор со својот коалициски партнер, лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, да присуствуваат на утрешната седница на Собранието.
„Ние рековме дека ќе ги поддржиме антикризните мерки, но се уште не ни е јасно зошто Талат Џафери упорно инсистира пред седница на која ќе се гласаат (36. седница н.з), да биде одржано продолжение на 32. седница. Навистина не можеме да го разбереме неговото однесување“,
вели Гаши за „360 степени“.
Тој, сепак, потенцира дека нема да им дозволат на ДУИ и на Талат Џафери да ги користат како алиби и ќе учествуваат во работата на парламентот.
„На 36. седница, секако, ќе присуствуваме и ќе се изјасниме за мерките кои треба да им помогнат на граѓаните. А, во однос на 32. седница, која треба да се одржи 15 минути претходно, доколку навистина има потреба и нема кворум, тогаш нашите пратеници ќе влезат во собраниската сала и ќе го обезбедат. Иако не знаеме која е вистинската причина зошто тој инсистира на таа седница, за да не му обезбедиме и нему и на ДУИ оправдување дека ние наводно сме виновни, ќе земеме учество и на таа седница“,
дециден е Гаши.
Од увидот што секој може да го направи во дневниот ред за 32. седница на Собранието, таа е започната на 25 јануари и утре ќе биде нејзиното деветто продолжение. Од точките на дневниот ред кои се преостаните, најважна е онаа која се однесува на усогласување на македонското законодавство со барањата на светските производители на вакцини, односно овозможување флексибилност на системот на јавни набавки во случаи директно поврзани со мерките за справување со пандемии и епидемии на заразни болести. На листата се и Националната стратегија за борба против корупцијата и судир на интереси, предлогот на завршната сметка на Буџетот, неколку финансиски извештаи за работењето на јавни институции и низа законски решенија од сферата на економијата кои се во прво читање.
Триесет и втората седница е закажана за утре во 14 часот а триесет и шестата треба да започне во 14:15 часот.
Од ДУИ велат дека нема ништо спорно во барањето на Џафери, туку се работи за почитување на принципите, според кои, секој пратеник е должен да присуствува на собраниските седници, без оглед што е на нивниот дневен ред.