Европскиот парламент (ЕП) денеска ќе гласа за Резолуцијата за Косово и Србија со која се очекува европските претставници најостро да го осудат нападот кај селото Бањска на северот на Косово, во кој загина началник на косовската полиција, тројца припадници на паравоената група беа убиени, а повеќемина уапсени
Европската Унија (ЕУ), според нацрт-резолуцијата, како што пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), ќе биде повикана да воведе санкции кон Србија доколку се утврди поврзаноста на земјата со овој напад
Пратеничката во Европскиот парламент и известувач за Косово, Виола фон Крамон, во разговор за српската телевизија Н1 вели дека не го дели ставот на косовските власти дека инцидентот кај Бањска на 24 септември бил обид на Србија да предизвика војна и да го анектира северот на Косово.
„Не би прејудицирала ништо, искрено не ја споделувам таа изјава“,
вели Фон Крамон за Н1.
Европратеничката потврди дека во нацрт-резолуцијата на Европскиот парламент стои дека Србија треба да го екстрадира Милан Радоичиќ на институциите во Косово поради терористичкиот напад во Бањска.
„Да, ова би било едно од барањата. Во однос на граѓаните на Косово, косовските институции се одговорни за истрагата против нив“, вели Фон Крамон.
Таа посочи дека ЕУЛЕКС и КФОР се кредибилни меѓународни партнери кои ќе го следат процесот, а во него ќе бидат вклучени и судии од северот на Косово и изрази уверување дека Србите брзо ќе се вратат во институциите.
Имено денеска, Европскиот парламент (ЕП) ќе гласа за Резолуцијата за Косово и Србија, со која се очекува европските претставници најостро да го осудат нападот кај селото Бањска на северот на Косово, во кој загина началник на косовската полиција, тројца припадници на правоената група беа убиени, а повеќемина уапсени.
Европската Унија (ЕУ), според нацрт-резолуцијата, како што пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), ќе биде повикана да воведе санкции кон Србија доколку се утврди поврзаноста на земјата со овој напад. Од ЕУ, исто така, ќе биде побарано да го промени пристапот во дијалогот за да се врати довербата во овој процес.
Работата на Резолуцијата беше спроведена по вонредна постапка, а за автор на овој документ беше назначен европскиот претставник Тонино Пицула.
Инаку, на почетокот на октомври во ЕП се одржа вонредна дебата, која беше основа за Европскиот парламент (ЕП) да гласа за Резолуцијата за Косово и Србија во светло на последните настани, со која европските претставници најостро ќе го осудат нападот на 24 септември во Бањска на северот на Косово.
Фон Крамон во пресрет на гласањето за Резолуцијата рече дека истрагата мора да покаже како се случи дестабилизацијата на северно Косово на 24 септември.
„Станува збор за тоа дека мора да имаме соработка со Србија за да ни ги достави сите факти и податоци од теренот“,
вели таа.
Во случај Србија да не соработува, истрагата да не биде транспарентна и да не бидат процесуирани оние кои треба да бидат кривично гонети, тогаш ќе се воведат рестриктивни мерки, предупредува пратеничката во Европскиот парламент.
Мерките, според Фон Крамон, може да опфатат откажување средби со високи функционери на српското раководство, но може да има и запирање на финансии за инфраструктура, како и мерки кои ќе се одразат на преговорите на Србија за членство во Европската Унија.
На прашањето дали тука спаѓа и можното замрзнување на семејните и личните сметки на луѓе од раководството на Србија, таа објаснува дека тоа се посебни работи.
ЕУ треба да воведе лични санкции против директно инволвираните, како што тоа го направија САД и Британија, а рестриктивните мерки не се во режим на санкции и тие би биле слични на мерките воведени за косовското раководство пред неколку недели – укинување на политичките состаноци, скратување на средства од ИПА-фондовите итн., вели пратеничката во Европскиот парламент и известувач за Косово.
„Мислам дека претседателот (Александар) Вучиќ во голема мера зависи од парите што доаѓаат од ЕУ. Неговиот политички легитимитет не се само Кина и Русија, тоа е дефинитивно и можноста за поблиска интеграција на Србија во ЕУ“,
вели таа.
Говорејќи во таа насока, Фон Крамон потсетува дека инвеститорите од Германија вработуваат 800 000 луѓе во Србија, додека Кина не отвора работни места во земјата.
„Ако се одлучи Србија да оди со Русија и Кина, и тоа е во ред. Ние не ја носиме таа одлука, тоа е одлука што треба да ја донесе Србија. Но, засега сè уште имам надеж и впечаток дека раководството на Србија има интерес да ја ориентира земјата во правец на Запад“,
изјави Фон Крамон.
На прашањето за политичката алтернатива во Србија, во врска со најавените предвремени парламентарни избори во земјата, таа рече дека не е на неа како странец и европски пратеник да зборува за тоа, бидејќи тоа би било мешање во внатрешните работи на земјата.
„Но, она што е вистина е дека мораме да создадеме услови за слободни, фер и транспарентни избори“,
рече Фон Крамон.
За потсетување, на 24 септември во напад на косовската полиција кај селото Бањска, на северот на Косово, загина полицискиот наредник Африм Буњаку, а неколку други беа повредени. Во престрелката меѓу полицијата и вооружената група загинаа тројца напаѓачи, а во околината на Бањска беше пронајден голем арсенал оружје.
Владата на Косово ја обвинува Србија за овој инцидент, додека официјален Белград негира каква било вмешаност.
Пет дена по инцидентот, односно на 29 септември, Милан Радоичиќ, бизнисмен и политичар од северот на Косово и поранешен потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, ја презеде целосната одговорност за организирање на нападот.
Тој на 3 октомври беше приведен и сослушан од надлежните власти во Белград, а следниот ден со одлука на Вишиот суд беше одбиено барањето за притвор и наместо тоа му изрече мерка со која му забрани да ја напушта територијата на Србија.