Владата и јас веруваме дека слободата на движењето и владеењето на правото може да одат паралелно со мирот и безбедноста, вели косовскиот премиер Албин Курти
Отворањето на мостот на Ибар во Митровица за слободно движење на возила не е насочено против никого, а најмалку против нашите меѓународни партнери и затоа ќе продолжиме да разговараме и да се координираме со нив, рече денеска премиерот на Косово, Албин Курти.
Тој вели дека разговарале со командантот на КФОР за отворање на мостот, што според него би бил корисен, фер и неопходен потег за сите, оти прелиминарните извештаи покажале дека мостот е стабилен и дека по него може да се одвива сообраќај, што според Курти би бил чекор кон нормализирање на односите меѓу двете најголеми заедници кои живеат во северниот и јужниот дел на градот Митровица.
„Владата и јас веруваме дека слободата на движењето и владеењето на правото може да одат паралелно со мирот и безбедноста. Ќе ги продолжиме разговорите и координацијата со нашите партнери. Косово е нормална држава и мостовите треба да бидат нормални, што значи отворени“,
заклучи Курти.
Вчера во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, изрази загриженост поради информациите дека наскоро владата на Косово ќе го отвори за сообраќај мостот на реката Ибар во Митровица кој ги поврзува јужниот дел на градот, кој е населен со мнозинство Албанци, и северниот дел, населен со мнозинство Срби.
Тој рече дека постои реална опасност поврзана со отворањето на мостот во моментот, што би можело да влијае на безбедноста на војниците на НАТО, тука вклучувајќи ги и американските, па затоа вели дека се надева оти Курти ќе ја земе предвид загриженоста на сојузниците и нема да преземе еднострани дејствија.
„Веруваме дека овој ризик ја зголемува заканата, можноста за насилство и други проблеми, како за локалната заедница така и за војниците на НАТО, вклучително и американските војници кои работат на обезбедување мир и безбедност на Косово. Ние ја сфаќаме многу сериозно секоја акција што може да влијае на безбедноста и заштитата на американските војници кои работат на поддршка на Косово. Нашата надеж е дека владата ќе го слушне ова и ќе ги земе предвид овие грижи“,
рече Ховниер.
Мисијата на НАТО во Косово претходно соопшти дека нема да се колеба да се соочи со каков било развој што може да влијае на регионалната безбедност и стабилност во однос на отворањето на мостот.
„Мисијата на КФОР одржува постојано присуство на мостот и продолжува да спроведува редовни патроли во околните области за да обезбеди стабилност и безбедност, за доброто на сите локални заедници. Нема да се двоумиме да се справиме со кој било развој што може да влијае на безбедносната средина и регионалната стабилност, во целосна согласност со нашиот мандат што произлегува од Обединетите нации“,
соопшти КФОР.
Пред неколку дена во непосредна близина на мостот на реката Ибар припадниците на српската заедница протестираа против отворањето на овој мост за сообраќај.
Протест се одржа во северниот дел на Митровица од група граѓани кои протестираа пред полициската станица, по апсењето на двајцата српски политичари Александар Арсенијевиќ и Стефан Велковиќ од Српска демократија.