И покрај апелите на државите на Квинт, ЕУ и Соединетите Американски Држави, косовските власти не се откажуваат од намерата Мостот на Ибар да биде отворен за движење на возила
Во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, изрази загриженост поради информациите дека наскоро владата на Косово ќе го отвори за сообраќај мостот на реката Ибар во Митровица кој ги поврзува јужниот дел на градот, кој е населен со мнозинство Албанци, и северниот дел, населен со мнозинство Срби.
Тој вели дека постои реална опасност поврзана со отворањето на мостот во моментот, што би можело да влијае на безбедноста на војниците на НАТО, тука вклучувајќи ги и американските, па затоа вели дека се надева оти Курти ќе ја земе предвид загриженоста на сојузниците и нема да преземе еднострани дејствија.
„Веруваме дека овој ризик ја зголемува заканата, можноста за насилство и други проблеми, како за локалната заедница, така и за војниците на НАТО, вклучително и американските војници кои работат на обезбедување мир и безбедност на Косово. Ние ја сфаќаме многу сериозно секоја акција што може да влијае на безбедноста и заштитата на американските војници кои работат на поддршка на Косово. Нашата надеж е дека Владата ќе го слушне ова и ќе ги земе предвид овие грижи“,
рече Ховниер.
И покрај противењето на сојузниците, косовскиот премиер Албин Курти неколкупати повтори дека мостот ќе биде отворен за сообраќај бидејќи, како што кажа, овој потег не е насочен ниту против меѓународната заедница ниту, пак, против Србите на северот. Прашан за затворањето на филијалите на „Пошта на Србија“ на северниот дел од Косово што се случи на петти август, Ховениер вели дека САД биле предизвикани од косовската влада во повеќе аспекти, а едностраните и некоординирани акции на северот на земјата кој е населен со мнозинство Срби, го намалуваат ентузијазмот на САД да го поддржат Косово на меѓународната сцена.
„Морам да кажам дека квалитетот на нашето партнерство не е онаков каков што би се надевале дека ќе биде за некои од овие прашања поврзани со тоа како тој се справува со северот и како го менаџира дијалогот“,
рече американскиот амбасадор.
Мисијата на НАТО во Косово претходно денеска соопшти дека нема да се колеба да се соочи со каков било развој што може да влијае на регионалната безбедност и стабилност во однос на отворањето на мостот.
„Мисијата на КФОР одржува постојано присуство на мостот и продолжува да спроведува редовни патроли во околните области за да обезбеди стабилност и безбедност, за доброто на сите локални заедници. Нема да се двоумиме да се справиме со кој било развој што може да влијае на безбедносната средина и регионалната стабилност, во целосна согласност со нашиот мандат што произлегува од Обединетите нации“,
соопшти денеска КФОР.
Пред неколку дена во непосредна близина на мостот на реката Ибар припадниците на српската заедница протестираа против отворањето на овој мост за сообраќај.
Протест се одржа во северниот дел на Митровица од група граѓани кои протестираа пред полициската станица, по апсењето на двајцата српски политичари Александар Арсенијевиќ и Стефан Велковиќ од Српска демократија.
Тие по неколку часа беа пуштени, а според заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани, двајцата политичари биле запрени од полицијата откако ги попречиле работниците кои биле договорени и ангажирани од надлежниот орган да исчистат некои графити со националистички натписи, кои создаваат поттикнување и омраза како „Северна бригада“ и други, кои биле на плоштадот кај мостот.