На денешниот протест на Србите во северниот дел на Митровица, побараа да не се отвора мостот на реката Ибар кој ги поврзува двата дела на градот – јужниот, населен со Албанци, и северниот дел, кој е населен со Срби
Косовските Срби пладнево излегоа на протест во Северна Митровица барајќи од меѓународната заедница да го запре отворањето на мостот на реката Ибар кој ги поврзува двата дела од градот, откако косовските власти најавија негово отворање за сообраќај за автомобили.
На протестот се обрати поранешниот претседател на судот во Митровица, Никола Кабашиќ, кој ги повика насобраните да не ги уриваат одлуките на општинската власт во Северна Митровица, која ја нарече принудна.
„Секој пат кога тие ќе носат одлуки кои одат на штета и се противни на волјата на граѓаните тука, ние ќе се собираме на истото место и со акламација ќе усвојуваме дека со тоа не се согласуваме“,
кажа Кабашиќ.
Протестот помина во мирна атмосфера без никакви инциденти, со незначително присуство на косовската полиција.
Косовскиот премиер Албин Курти се заблагодари на безбедносните сили кои ја осигуриле безбедноста на денешниот собир и ги повика граѓаните од српска националност да учествуваат во дебатата која општината Северна Митровица ќе ја организира во текот на утрешниот ден на тема „Меѓуетничка соработка, општинско советување за безбедност на заедницата, соработка меѓу институциите и граѓанското општество“.
„Општина Северна Митровица утре од 11:00 часот во просториите на Собранието на општината организира средба и разговор со граѓани, граѓански активисти и претставници на локалните медиуми… Ги повикувам да учествуваат нашите сограѓани од српската заедница на оваа заедничка дискусија на која ќе можат да се информираат за придобивките од отворањето на мостот и да ја изразат својата загриженост која ќе се истретира од нашите институционални претставници и институциите во земјата“,
напиша Курти.
Тој кажа дека загриженоста што ќе ја искажат граѓаните ќе биде истретирана од страна на институционалните претставници и институциите на земјата и оти мостот на реката Ибар неправедно го добил епитетот на делба помеѓу граѓаните на Косово.
„Предолго нè држи на дистанца митровичкиот мост преку Ибар. Неправедно му е даден епитетот на делба и ненормални односи. Мостовите нè обединуваат, а заедно да го направиме овој (мост) симбол на нормализацијата“,
вели Курти.