Партијата на Ѓукановиќ кој сега е главен иницијатор за гласање недоверба, во април како опозиција реши да поддржи формирање малцинска влада на чело со Абазовиќ. Партиите кои стојат зад барањето вкупно имаат 36 пратеници во 80-члениот парламет на Црна Гора
На 19 август црногорското Собрание ќе одржи вонредна седница на која ќе се гласа за недоверба на малцинската влада предводена од Дритан Абазовиќ која беше избрана на 28 април годинава.
Седницата ја закажа претседателката на парламентот, Данијела Ѓуровиќ, откако вчера пет опозициски партии поднесоа барање за гласање недоверба што следуваше откако премиерот го потпиша Темелниот договор со Српската православна црква (СПЦ).
Вчера поднесеното барање не е изненадување со оглед дека Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ најавуваше такво нешто во пресрет на потпишувањето на договорот. Откако се случи тоа, партијата ја обвини владата дека се однесува неодговорно кон националните интереси на Црна Гора.
Инаку, кога се растури претходната коалиција помеѓу Абазовиќ и неговиот претходно Здравко Кривокапиќ, опозициската партија на Ѓукановиќ реши да поддржи малцинска влада на чело со актуелниот премиер.
Покрај ДПС зад барањето за гласање недоверба стојат уште четири партии: Социјалдемократската партија (СДП), Либералната партија (ЛП), Социјалдемократската партија (СД) и Демократската унија на Албанците (ДУА) со вкупно 36 пратеници.
Тие заедно имаат 36 пратеници, а за изгласаат недоверба на 19 август ќе им бидат потребни уште најмалку пет гласа (41) со оглед дека црногорскиот парламент брои 80 пратеници.
Во официјалното барање кое петте партии го поднесоа како причини за гласање недоверба тие ги наведуваат недостатокот на резултати на Владата во однос на спроведувањето на оние приоритети што беа утврдени при нејзиниот избор, а кои се однесуваат на реформите во судскиот систем, зајакнување на системот на владеење на правото, интензивирање на процесот на европска интеграција, консолидација на економската политика во земјата и реорганизација на здравствениот систем во услови на тековната пандемија со ковид-19.
Photo: EPA-EFE/BORIS PEJOVIC