Измените на Законот за Советот на јавни обвинители беа донесени по скратена постапка, со просто мнозинство, односно „за“ гласаа 59 пратеници, додека 18 се изјаснија „против“
Нив ги предложија група пратеници од владејачкото мнозинство, односно Беким Ќоку, Бојан Стојаноски, Бране Петрушевски, Весна Бендевска, Дафина Стојаноска, Ели Панова, Мерита Колчи Коџаџику, а станаа дел од дневниот ред на 106. седница во средата, минатата недела
За потсетување, Собранието на 7 мај со 64 гласа „за“, 15 „против“ и без „воздржани“,го изгласа новиот Законот за Советот на јавни обвинители, кој е дел од Реформската агенда
Членовите на Советот на јавни обвинители што ги избира Собранието во иднина ќе треба да поминат слична процедура, односно јавно интервју, бодување и ранг-листа, како што е тоа случај со членовите и претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Ова го предвидуваат измените и дополнувањата на тазе донесениот Закон за Советот на јавните обвинители, изгласан од Собранието, во рамките на вчерашното продолжение на 106. седница.
Измените беа донесени по скратена постапка, со просто мнозинство, односно „за“ гласаа 59 пратеници, додека 18 се изјаснија „против“.
Предлагачи на измените беа група пратеници од владејачкото мнозинство, односно Беким Ќоку, Бојан Стојаноски, Бране Петрушевски, Весна Бендевска, Дафина Стојаноска, Ели Панова, Мерита Колчи Коџаџику, а станаа дел од дневниот ред на 106. седница во средата, минатата недела.
Тогаш, предлогот на пленарна седница го образложи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој наведе дека станува збор за измени на членот 35, односно постапката за избор на член на Советот на јавните обвинители од страна на Собранието.
„Сметавме дека првичниот модел ги опфаќаше целите за коишто беше предложен Законот, но за оваа материја често знаеме да кажеме дека е динамична материја. Така што ние секогаш сме отворени за идеи и сугестии што доаѓаат од релевантни институции, така што токму и затоа ја поднесуваме оваа измена на предлог-законското решение“,
рече Стојаноски на 24 јуни.
Со усвоените измени се менуваат одредби од членот 35 од Законот. Прво наместо работна група селекцијата на кандидатите ќе ја прави комисија за селекција што ќе се формира од страна на собраниската Комисија за изборите и именувањата. Оваа комисија ќе брои седум члена, односно два повеќе од работната група.
Новина и е тоа што се воведува интервју со кандидатите кои ќе се пријават на огласот, а кое ќе се емитува на Собранискиот канал. Доколку некој од пријавените кандидати не дојде на интервјуто, според изгласаните измени, ќе се смета дека ја повлекол пријавата.
Со измените се воведува систем на оценување и бодување на кандидатите според утврдени критериуми и се изготвува ранг-листа со поединечно образложение и бодување.
„Со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија се допрецизираат и усогласуваат одредбите за постапката за избор на членовите на Советот на јавните обвинители од страна на Собранието на Република Северна Македонија со постапката за избор на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата во Собранието, со што се зацврстува воведувањето на еднаков пристап и правна сигурност при избор на функционери и избрани лица од страна на Собранието, што овозможува гаранција на избор на најквалитетен кадар кој ги исполнува законски предвидените услови во транспарентна постапка достапна на јавноста, што овозможува отпорност на системот кон влијанија при изборот“,
се вели во образложението на измените и дополнувањата на Законот.

Ваквиот систем, се додава, во поширока смисла треба да обезбеди доверба на јавноста при изборот на лицата во клучните институции.
За време на расправата во Законодавно-правната и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедницата, членовите на ова тело од опозицискиот СДСМ поднесоа амандман со кој бараа во членот 35 да се воведе став кој ќе им овозможи на незадоволните кандидати да имаат право на приговор до Комисијата за избори и именувања во рок од 48 часа од објавување на листата на кандидатите кои го поминале првиот филтер на веб-страницата на Собранието. Дополнително, во таа насока, во амандманот се предлагаше Комисијата за избори и именувања да биде обврзана да да одлучи по приговорите најдоцна во рок од пет дена од денот на истекот на рокот за поднесување на приговор и да објави конечна листа.
Сепак, мнозинството членови на двете собраниски комисии го отфрлија амадманот на опозицијата.
Според членот 11 од Законот, спроведување на интервјуто, оценувањето на исполнувањето на условите и бодирање на кандидатите ќе се утврдува со акт на Собранието, кој согласно измените, законодавниот дом треба да го донесе најдоцна во рок од три месеци од стапувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители.
За потсетување, Собранието на 7 мај со 64 гласа „за“, 15 „против“ и без „воздржани“, го изгласа новиот Закон за Советот на јавни обвинители, кој е дел од Реформската агенда.
Од Министерството за правда, како овластен предлагач, тогаш беше посочено дека Законот е усогласен со европските стандарди и препораки и дека со него воведуваат новини насочени кон зајакнување на независноста, професионалноста и транспарентноста во работењето на Советот.
