Како овластен предлагач на законското решение, од Министерството за правда посочуваат дека со законот, кој е усогласен со европските стандарди и препораки и е дел од поширокиот реформски процес, се воведуваат новини насочени кон зајакнување на независноста, професионалноста и транспарентноста во работењето на Советот
Со 64 гласа „за“, 15 „против“ и без „воздржани“, Собранието го изгласа Законот за Советот на јавни обвинители.

Како овластен предлагач на законското решение, од Министерството за правда посочуваат дека со законот, кој е усогласен со европските стандарди и препораки и е дел од поширокиот реформски процес, се воведуваат новини насочени кон зајакнување на независноста, професионалноста и транспарентноста во работењето на Советот.
„Со Законот се реформира постапката за избор на членови на Советот на јавните обвинители, се воведуваат јасни и транспарентни критериуми. Се гарантира нивната стручност, искуство и интегритет, по пример на критериумите предвидени во новиот Закон за Судскиот совет. На тој начин, се гарантира избор на најквалитетните кандидати“,
велат од Правда.
Оттаму посочуваат дека со законот се воведува обврска за доследна примена на мерит-системот и аргументирано образложение на одлуките за избор, унапредување и дисциплинска одговорност на обвинителите, а дополнително се зајакнува улогата на Советот во постапката за избор и разрешување на државниот јавен обвинител. Во оваа смисла, Советот може да поднесе иницијатива за разрешување на јавниот обвинител до Собранието. Законот детално ја уредува и постапката за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот.
„Воведуваме јасна двостепеност во дисциплинските постапки. Советот одлучува како второстепен орган, а против неговите одлуки е дозволена судска заштита. Со ова се обезбедува целосна заштита на правата на јавните обвинители, што е директен одговор на препораките на Европската комисија“,
велат од Министерството за правда.
Транспарентноста на Советот на јавните обвинители, пак, како што посочуваат од Правда, ќе биде зајакната преку обврската за објавување на одлуките и извештаите, јавното одржување на седниците, како и директните преноси и информирање на јавноста.
