Две лица од Битола биле затекнати на две одделни локации во градот во време кога во сила е полицискиот час. Тамошното обвинителство побара да се издадат казнени налози за вршење кривично дело според здравствените прописи за време на епидемија и непочитување на мерката за спречување на коронавирусот.
Првиот обвинет е 18-годишен жител на Битола, кој вчера во 1:25 часот со патничко моторно возило „рено 19“ без регистарски таблички се движел по ул. „8 Септември“. Втората обвинета е на возраст од 33 години и половина час после полноќ била затекната како лежи во алкохолизирана состојба на ул. „Прилепска“.
За секој од двајцата обвинети обвинителството побара од Основниот суд Битола да изрече парична казна од 2 000 евра, односно 100 дневни глоби со вредност на една дневна глоба од 20 евра во денарска противвредност.