Јелко Кацин, амбасадорот на Словенија во НАТО, е еден од 29-темина чии потписи стојат на пристапниот протокол за Република Северна Македонија во НАТО. Кацин долги години е тесно поврзан со евроатлантското досие за земјава – и како постојан претставник во Алијансата, а претходно во два мандата и како член на Европскиот парламент. Неговите критички изјави за демократското назадување повеќепати изнудуваа жестоки реакции од власта на Никола Груевски. За најновиот развој на настаните во триаголникот Скопје-Атина-Брисел, со Јелко Кацин разговара Владимир Мирчески.
Амбасадорe Кацин, вашиот потпис е еден од 29 што ја донесе Северна Македонија на чекор од членство во НАТО. Вие, како словенечки функционер, како член на Европскиот парламент и во последните години како постојан претставник во НАТО, сте тесно поврзани со нашата земја. Лично, какви беа вашите чувства на 6 февруари за време на церемонијата на потпишување во Брисел?
Прво, да ви честитам, да му честитам на вашето раководство, на пратениците во Собранието и, секако, да честитам за зрелоста на граѓаните на Република Македонија кои кончено разбраа, иако многу од нив се противат на промената на името. Навистина беше историски момент, не само за идната Република Северна Македонија туку и за НАТО при што се потврди политиката на отворени врати. Сега ја чекаме наредната 30-та членка на големата Алијанса и, секако, дека тоа беше многу емотивен момент. Треба да го потенцирам фактот дека не е само голем успех и чекор напред туку скок кон иднината и тоа не само за Македонија туку и за Бугарија. Без првиот договор за добрососедство меѓу Република Бугарија и Република Македонија ќе немаше основа, предуслови за историскиот договор за името меѓу Скопје и Атина. Република Македонија во заминување за сметка на Ребулика Севрена Македонија која доаѓа не е успех само за двете земји, туку е и тешка храна за варење за грчката јавност. Но, премиерот Ципрас навистина се покажа како голем борец, лидер, државник и го затвори неговиот дел од долготрајниот процес. Ме прашавте за моите чувства. Тоа беше крај од еден долг кошмар. За мене, кој реши дека ќе посвети дел од политичките мандати во НАТО, за прво да и асистирам на Црна Гора да стане членка, а потоа на Македонија да го помине истиот пат и да стане полноправна членка, на некој начин, беше позиција во која самиот себе си си кажав – мисијата е исполнета. Сега, можам да барам нови предизвици и некако си докажав себе си дека мојата посветеност на поддршката на двете земји беше значајна и се гордеам со тоа.
Амбасадоре, дали може да потврдите дека протоколот за пристапување утре ќе биде ратификуван во словенечкиот парламент за време на посетата на македонскиот спикер Талат Џафери?
Тоа не можам да го потврдам, но можам да потврдам дека од наша страна сторивме се што треба, ги создадовме сите предуслови за утре да се заврши чинот. Во случај двете земји – Грција и идната Република Северна Македонија да го завршат својот дел од обврските, штом ќе ги информираат релевантните институции дека е променето уставното име, тогаш ќе има предуслови. Ако тоа се случи навреме, тогаш ратификацијата може и утре да се случи, а ако не, тогаш ратификацијата ќе се случи веднаш штом ќе ги добиеме потребните потврди.
Дали очекувате какви било проблеми во процесот на ратификација во сите земји-членки и кога очекувате да го видите нашето национално знаме седиштето на НАТО во Брисел?
Не очекувам многу проблеми при ратификацијата, но може да има некакви политички и технички прашања. Кај некои земји-членки на Алијансата може да има избори, некои од нив може да го ратификуваат протоколот пред изборите, некои тоа ќе треба да го направат по изборите. Но, во генерални рамки, верувам дека за една година процесот може да биде завршен.
Ќе беше ли можно одамна да се постигне договор за прашањето за името, без да се губи толку многу години во чекалните на НАТО и на ЕУ и без, како што многу пати повторувавте, да се прави непријател од меѓународната заедница?
Во минатото се ќе беше можно, но за жал не се случи. Да бидам многу искрен, тажен сум што од ваша страна немаше доволно политичка волја – години беа залудно загубени. Во ситуација овие договори порано да беа склучени, вие веќе со години ќе бевте членки на нашата Алијанса, веќе ќе преговаравте со ЕУ, веќе ќе отворевте многу поглавја и многу од нив веќе ќе затворевте. Тоа беше пропуштена шанса, имаше многу пропуштени можности и многу од ваши поранешни политичари ги испуштија тие шанси, зашто веруваа дека е многу полесно други да се обвинуваат наместо да го завршат својот дел од работата. Некои од вашите соседи се уште се заложници на самите себе си, не се подготвени да преземат чекор напред и да постигнат историски компромиси. Но, се надевам и верувам дека вашата успешна приказна ќе им помогне да разберат дека нема никој друг, освен нив, кој ќе преземе одлуки за нивната иднина и за нивните млади генерации, кои се уште во голем број емигрираат надвор од нивните земји, економии и регион, барајќи подобра иднина.
Членството во НАТО не е волшебно стапче и не значи дека преку ноќ Македонија ќе стане земја со вистински европски вредности и стандарди. Што треба да се направи за обичните граѓани да ги почувствуваат ефектите од членството во НАТО?
Прво, сите очекуваат зајакнување на вашите институции. Кога тие функционираат, кога тие не се заложници на политичарите на власт, кога институциите работат за доброто на граѓаните, тогаш тоа го нарекуваме правна држава и тоа е крајната цел. Кога правната држава функционира, тогаш ќе имате повеќе странски инвестиции, ќе почне процесот на креирање нови работни места, а со тоа има повеќе просперитет, пред се за младите луѓе кои ќе направат се што можат самите да си ја одредат иднината за себе и за своите семејства и идните генерации во Република Северна Македонија. Граѓаните ова може да го очекуваат, тие ова го очекуваат и тоа го бараат. По приемот во НАТО, ќе има поголеми очекувања и барања во Македонија и тие треба да вклучат попродуктивно однесување на опозицијата. Откако докажавте дека иднината е на дофат, треба да продолжите и да создадете многу подобри економски и општествени прилики за вашите граѓани.
Напишете коментар