Од Управата за извршување санкции, постапувајќи по службена должност, направиле проверка за почитувањето на условите за користење на правото за работен ангажман надвор од затворот и било утврдено дека Јанева не ги почитувала условите
Поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) Катица Јанева го загуби правото да работи надвор од затворот „Идризово“.
Од Управата за извршување на санкции, постапувајќи по службена должност, направиле проверка за почитувањето на условите за користење на правото за работен ангажман надвор од затворот. При проверката, како што потврдил за МИА директорот на Управата, Александар Пандов, било утврдено дека Јанева не ги почитувала условите.
Поранешната шефица на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева, на крајот на јануари годинава доби дозвола за работно да биде ангажирана надвор од затворот „Идризово“, каде што ја издржува повеќегодишната затворска казна на која беше осудена во случајот „Рекет“.
Нејзиниот син, во изјава за „360 степени“, потврди дека Јанева е работно ангажирани во неговата адвокатска канцеларија.
„Катица Јанева, мојата мајка, е работно ангажирана во мојата адвокатска канцеларија согласно Законот за извршување санкции. Законот дозволува осудено лице да биде работно ангажирано надвор од установата по претходно добиена согласност од Управата за извршување санкции. Согласно третманот и критериумите во затворот на мајка ми ѝ е дадена можноста да биде ангажирана во адвокатската канцеларија сметано од 27 јануари“,
изјави Лазар Јанев.
Според условите, Јанева наутро излегува од Идризово, а по завршување на работниот ден, треба да се врати во затворската ќелија.
Погодноста на Јанева ѝ била овозможена бидејќи ги исполнила критериумите во Казнено-поправната установа, а информацијата ја потврди во изјава за „360 степени“ директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ.
Тој појаснува дека предлогот осудено лице да добие ваков работен ангажман го дава директорот на самата Казнено-поправна установа, а доколку се утврди дека е оправдан и дека лицето ги исполнува критериумите, го потпишува директорот на Управата за извршување санкции.
Ексшефицата на Специјалното јавно обвинителство беше осудена на седумгодишна затворска казна во случајот „Рекет“ за злоупотреба на службената положба и овластување, заедно со Бојан Јовановски, во јавноста познат како Боки 13, кој доби две години повеќе.
Пресудата за случајот „Рекет“ Основниот кривичен суд Скопје ја изрече на 18 јуни 2020 година, а правосилна стана кон крајот на јули следната година, откако Апелацискиот суд Скопје по повеќе од една од година ја потврди пресудата на првостепениот суд. За одлуката Апелација информираше преку соопштение на 21 јули 2021 г., а два дена подоцна Јанева беше спроведена во затворот „Идризово“ на отслужување на казната.