Зајковска за нов член на Антикорупциска комисија беше избрана во Собранието на 11 јуни, со просто мнозинство. Нејзината кандидатура ја поддржаа 56 пратеници, кои гласаа „за“, додека еден се изјасни „против“
Таа во Антикорупциска доаѓа на местото на Цвета Ристовска која на 13 февруари си поднесе оставка од функцијата Во објаснувањето, Ристовска наведе дека оставката ја поднесува по јавните полемики и сомнежи поврзани со нејзината работа во ова тело
Катерина Зајковска и формално е нов член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Откако пред точно една недела беше избрана за антикорупционарка, таа денеска во Охридската сала во Собранието, даде свечена изјава пред претседателот на законодавниот Африм Гаши, со што и официјално станува дел од тимот на ДКСК.

Зајковска за нов член на Антикорупциската комисија беше избрана во Собранието на 11 јуни, со просто мнозинство. Нејзината кандидатура ја поддржаа 56 пратеници, кои гласаа „за“, додека еден се изјасни „против“.
Новата членка на ДКСК е дипломиран економист и магистер по сметководство, финансии и ревизија.
Собраниската комисија за прашања за изборите и именувањата со мнозинство гласови ја утврди Зајковска како единствен кандидат, од пријавените петмина на огласот, за нов член на ДКСК и предлогот го проследи на гласање до собранискиот пленум.
Како што појасни тогаш претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајкоски, од петтемина кандидати кои ги исполнувале условите и учествувале на интервјуата, Зајковска освоила најмногу, односно 90,67 бода.
Пратеникот од редовите на СДСМ и член на Комисијата, Љупчо Николовски, пак, беше на став за нов член на Антикорупциска треба да биде предложена второрангираната кандидатка, Милка Муратовска, која, како што кажа тогаш, имала ист број бодови со прворангираната и дополнително била со специјализирано образование во делот на антикорупцијата.

Инаку, Зајковска во ДКСК доаѓа на местото на Цвета Ристовска која на 13 февруари до претседателот на Собранието поднесе оставка од функцијата. Во објаснувањето, Ристовска наведе дека оставката ја поднесува по јавните полемики и сомнежи поврзани со нејзината работа во ова тело.
Нејзината оставка дојде откако беше објавено дека во ДКСК се водат предмети за проверка на случаи на судир на интереси и непријавување имот поврзани со Ристовска, односно дека фирма на еден од нејзините синови учествувала во кампањата за претседателските избори во 2024 година, како и дека антикорупционерката во својот анкетен лист не пријавила дека двајцата нејзините синови имаат фирми за маркетинг.
За потсетување, Ристовска се најде во фокусот на јавноста кога беше известител во ДКСК за предметот со сомнителниот ТОЕФЛ-сертификат на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски. По нејзиното реферирање на предметот, Антикорупциска се прогласи за ненадлежна да постапува по овој предмет.
