Тројцата вчера вечер на Фејсбук објавија заедничка фотографија од средбата, со хаштаг „заедно“, без никакви подетални објаснувања и информации за причините за средбата и дали произлегол некаков договор од неа
Денеска пратеникот на ДУИ, Изет Меџити, во изјава за ТВ 21 најави дека Реџепи ќе ѝ се приклучи на пратеничката група на Демократската унија за интеграција во Собранието
Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети и пратеникот Иџет Меџити, двајцата од редовите на ДУИ и членови на „огнената група“, која бара оставка од првиот вицепремиер Артан Груби и промени во партијата, се сретнале со независниот пратеник Кастриот Реџепи, што ги отвора прашањата дали „огнените“ го окрупнуваат своето членство со политичари кои формално не се дел од ДУИ и дали се подготвува простор нивно дејствување во рамките на Собранието.
Тројцата вчера вечер на Фејсбук објавија заедничка фотографија од средбата, со хаштаг „заедно“, без никакви подетални објаснувања и информации за причините за средбата и дали произлегол некаков договор од неа.

Денеска пратеникот на ДУИ, Изет Меџити, во изјава за ТВ 21 најави дека Реџепи ќе се приклучи на пратеничката група на Демократската унија за интеграција во Собранието.
„Една фотографија е еднаква на 1 000 збора. Пораката е јасна. Да, ќе дејствува со пратеничката група на ДУИ“,
рекол меѓудругото Меџити.
„360 степени“ се обиде да стапи во контакт со Кастриот Реџепи, но тој ни рече дека ќе биде достапен за медиумите по четврток неделава.
Реџепи, кој влезе во Собранието како дел од движењето Беса, но потоа беше исклучен и продолжи да дејствува како независен пратеник, стана познат во јавноста откако лани во ноември им ја помати сметката на опозициските партии во Собрание за гласање недоверба на Владата на СДСМ и ДУИ.
Пратеникот на 11 ноември минатата година не се појави во Собранието на седницата за гласање недоверба на Владата, по што опозицијата остана без еден пратеник и не можеше да обезбеди кворум. Реџепи по неколкуте дена во кои беше недостапен во јавноста, поради што се појавија шпекулации дека е киднапиран, се огласи првин преку социјалните мрежи, а потоа излезе на прес-конференција на која образложуваше дека сакал да дојде на седницата, но откако слушнал дека ќе биде единствениот присутен што ќе гласа против, од безбедносни причини, одлучил да не се појави. Тој рече дека иако се потпишал на иницијатива за гласање недоверба, околностите се смениле и решил во име на европските интеграции да не гласа.
„Огнената група“ од ДУИ пред десетина дена излезе со отворено писмо револтирана од првиот вицепремиер Артан Груби и побара промени во партијата.
Тие побараа од Ахмети да го врати партиското единство и да ја заврши внатрепартиската „војна“, а го обвинија вицепремиерот Артан Груби дека како дел од извршната власт сам одлучувал за кадровските поставувања и дека дилетантски се однесувал, со што се придонело кон револт и пасивност на гласачкото тело што, пак, резултирало со лоши изборни резултати на последните избори во Тетово.
Во четвртокот минатата недела, на средба со партискиот лидер Ахмети во седиштето на интегративците во Мала Речица на два оддели состаноци беа ограноците од Сарај и Чаир, предводени од градоначалниците на овие општини, Блерим Беџети и Висар Ганиу, како и пратеникот од Чаир Изет Меџити. И едниот и другиот објавија фотографии со Ахмети нарекувајќи го „претседател и пријател“, но и порачаа дека цврсто стојат на ставот против извршната власт.
На средбата со огранокот од Сарај бил и пратеникот Арбен Зибери, кој доаѓа од оваа Општина, но не беше потпишан на писмото што излезе минатиот викенд. Во изјава за медиумите тој рече дека на состанокот владеела релативно позитивна атмосфера и отворено се разговараше за сите работи внатре во партијата. Исто така, порача дека ДУИ и овој пат ќе излезе многу посилна и пообединета.
Нредниот, односно во петокот, првиот вицепремиер Артан Груби одговарајќи на новинарски прашања, децидно изјави дека во ДУИ нема никаков раскол и дека сите се построени зад партискиот лидер Ахмети.
И додека Груби тврдеше дека во партијата нема раскол, поранешниот вицепремиер и едно од најзвучните имиња од „огнената група“, Муса Џафери во изјава за „Слободен печат“ рече дека доколку првиот вицепремиер и уште неколку министри не си поднесат оставки или не бидат сменети од лидерот на партијата, Ахмети, „политичката војна во ДУИ ќе ескалира“.