На делницата каде што е запрен, максимално дозволената брзина изнесува 120 километри на час
Против возачот ќе биде поднесена кривична пријава за кривичното дело безобѕирно управување со моторно возило
Приведен е дваесет и едногодишен жител на селото Батинци, општина Студеничани, што со возило марка „бе-ем-ве“ возел со брзина од 244 километри на час на автопатот Скопје – Гевгелија, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според пријавата на случајот, полициски службеници од ОВР Гевгелија синоќа околу 20 часот, кај селото Милетково, при контрола на сообраќајот со радар утврдиле дека И. Р. (21) управува патничко возило „бе-ем-ве“ со скопски регистарски ознаки со брзина двојно поголема од дозволената.
На делницата каде што е запрен, максимално дозволената брзина изнесува 120 километри на час.
За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Гевгелија, кој наложи одземање на возилото.
По целосното документирање на настанот, против возачот ќе биде поднесена кривична пријава за кривичното дело безобѕирно управување со моторно возило.
Како што информираат од МВР, во изминатото деноноќие се приведени уште 24 возачи поради безобѕирно управување со возило. Од нив, 17 управувале без возачка дозвола, четворица се малолетници, а повеќе лица се затекнати и под дејство на алкохол.
Од полицијата апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возила без возачка дозвола, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол.
