Според Касами, добар период за вонредни избори е напролет следната година. Лидерот на Беса вели дека дотогаш ќе ги артикулира ставовите во партиските структури, а најави дека се можни и протести доколку нема предвремени избори
Претседателот на Движењето Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами по прозивките од власта дека е против евроинтеграциите, бидејќи гласањето на уставните измени го условува со одржување на предвремени избори денеска порача дека проблемот е во актуелната Влада и евроинтеграциите кои ги водат министерот за надворешни работи, Бујар Османи и првиот вицепремиер Артан Груби.
Тоа, како што истакна Касами, е и причината зошто бараат предвремени парламентарни избори.
„Сигурно сме против евроинтеграциите кои ги води Османи и бандата на Груби. Затоа што тие интеграции не одат напред кон ЕУ туку одат напред кон корумпирана власт и одат напред кон власт која не работи во интерес на граѓаните и забрзување на процесот на евроинтеграции туку оди назад. Целиот ангажман на групата на ДУИ во Владата е како тие да се збогатат, а не како да се оди понапред со процесот на евроинтеграции. Но за жал нивните усти се полни со евроинтеграции, а во реалноста секојдневно работат да нашите млади бегаат во Европа, а не ние како држава да бидеме интегрирани во ЕУ“,
изјави Биљал Касами по денешната последна седница на Советот на Општина Тетово.
Според Касами добар период за вонредни избори е напролет следната година. Лидерот на Беса вели дека дотогаш ќе ги артикулира ставовите во партиските структури, а најави дека се можни и протести доколку нема предвремени избори.
„Како опозиција ги средуваме нашите редови за да од пролет ако нема слух за предвремени избори да го артикулираме незадоволството на граѓаните и ако треба ќе организираме и граѓански протести. Цениме дека оваа влада не се справува најдобро со економската криза, посебно со енергетската криза кога секој ден има покачување на цените, а нема ниту еден случај каде има такво намалување. Ние цениме дека оваа власт е нефункционална и не ги решава проблемите на граѓаните затоа што побрзо треба да се оди на избори. Затоа се организираме со артикулирање на сите проблеми преку нашите депарменти и на пролет ќе разговараме со нашите структури како и кога ќе одиме со организирање на граѓански протести“,
рече Касами.
Тој изјави дека за протестите нема координација со други партии зошто и самите немаат сериозен предлог и дискусијата во органите на партијата во врска со ова прашање.
Денеска и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го повтори ставот на партијата, изнесен вчера за одржување на предвремени избори кон средината на мај следната година.
„Мислам дека имаме голема шанса тие два датума 14 или 21 мај да бидат изборни датуми и да видиме на крајот на денот ако навистина верува во тоа што го зборува Владата на ДУИ и СДСМ дека добро работат, дека се навистина успешни ќе можеме тоа да го провериме на избори, така? Народот да си каже, народот е суверен на државава. Не се функционерите на ДУИ поддржани од СДСМ суверени во оваа држава“,
изјави Мицкоски кој денеска беше во посета на Општина Кисела Вода.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак е дециден дека нема да ја прифати понудата на лидерот на Беса, Билал Касами, односно условувањето на уставните измени со предвремени парламентарни избори.
„Ќе повторам уште еднаш дека јас под уцени и притисоци не функционирам. Изборите ќе бидат во 2024 година и тоа е веќе апсолвирано прашање. Прашањето за уставните измени е сериозно, тоа е државничко прашање затоа што значи заокружување на процесот за отворање на кластерите во отпочнатиот процес на преговори со ЕУ. Ние започнавме преговори со Европската Унија, во тек е скрининг-процесот и сега сè зависи од нас. Затоа ова прашање е прашање на принципи, дали некој го поддржува европскиот пат или не. Условувања за вакво прашање се навистина неприфатливи“,
изјави Ковачевски на прес-конфренција на 26 декември.
Дека 2023 нема да биде изборна година, премиерот истакна и во вчерашното интервју за Македонската радио телевизија (МРТ).
„Скринингот (со Европската Унија н.з.) треба да заврши во ноември 2023 година и ние најверојатно нема да направиме да се прекине скринигнот сега, по 17 години чекање. Второ енергетската криза нема да застане, како и економската криза, Институциите кои што ќе се справуваат со нив би требало да бидат функционални. Трето, имаме за носење голем број одлуки во Собранието кои што бараат широк општествен и политички консензус и кој што консензус нема избори да го обезбедат“,
рече Ковачевски.