Изјавата на Ковачевски воедно е и одговор на предлогот што ВМРО-ДПМНЕ го изнесе денеска за предвремени избори што би се одржале напролет следната година
Претстојната 2023 нема да биде изборна година, изјави премиерот Димитар Ковачевски во интервју за Македонската радио телевизија (МРТ).
Изјавата на Ковачевски воедно е и одговор на предлогот што ВМРО-ДПМНЕ го изнесе денеска за предвремени избори што би се одржале напролет следната година.
„Скринингот (со Европската Унија н.з.) треба да заврши во ноември 2023 година и ние најверојатно нема да направиме да се прекине скринигнот сега, по 17 години чекање. Второ енергетската криза нема да застане, како и економската криза, Институциите кои што ќе се справуваат со нив би требало да бидат функционални. Трето, имаме за носење голем број одлуки во Собранието кои што бараат широк општествен и политички консензус и кој што консензус нема избори да го обезбедат“,
рече Ковачевски.
Тој како апсолутно несоодветно го оцени поддржувањето избори на сметка на стратешки прашања.
Премиерот додаде оти може да ја разбере позицијата на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи, како што рече, таа се наоѓа во комплетно заложништво на Левица.
„Во моментов наративот на опозицијата го води Левица или Димитар Апасиев, со оглед на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ нема став за ниту едно прашање, ниту имала некогаш став, ниту визија, ниту пак одлучност и сите бевме сведоци како тие го менуваат ставот во однос на пристапувањето кон ЕУ“,
рече премиерот.
Тој истакна дека следуваат уште многу одлуки кои што се однесуваат на системско уредување на државата во многу области – од здравството и правосудството до енергетскиот сектор и екологијата.
„Тоа нема да бидат едноставни одлуки, меѓутоа сето тоа ќе ја направи Северна Македонија да биде на ниво на функционирање кои што сите ние го сакаме, а тоа е функционирањето на земјите членки на ЕУ“,
потенцира Ковачевски.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со предлог предвремени парламентарни избори да се одржат во периодот меѓу 14 и 21 мај следната година, а изборната кампања да почне на 25 април. Целта на изборите би била ресетирање на системот и воведување на поголема стабилност.
Во моментов политичката состојба во земјава е неподнослива, како меѓу партиите, така и внатре во некои партии, односно во СДСМ, ДУИ и Алтернатива, оценуваат од опозициската партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ брифираа дека ќе ги искористат сите механизми за да ја постигнат својата цел и оти ќе бидат креативни во изнаоѓање начин предвремените избори да се одржат.