Од регистрираните 241 случај, 53 или 22% се или биле хоспитализирани во текот на болеста, а 188 случаи или 78% биле или се на домашно лекување
Со уште еден нов случај во изминатите 24 часа или вкупно 29 заразени, Карпош останува општината со најголем број регистрирани случаи на коронавирус во земјава. Тоа се 12% од вкупно 241 случај на ниво на државата. Следува Кисела Вода со 23 случаи од кои три се нови, па Гази Баба со 22 (2 нови) и Центар со 21 заразен (1 нов). Ова го покажува статистиката што ја води и објавува Институтот за јавно здравје.
Од новорегистрираните 22 случаи во целата држава, најголем дел се на возраст над 60 години (n=9), а во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 15 женски и 7 машки лица.
Хоспитализирани се 4 лица, а останатите се на домашно лекување. Кај седум лица е регистрирано присуство на коморбидитети.
Вкупно 15 лица имале контакт со веќе потврден случај на ковид-19 во државата, а 4 лица имаат историја на неодамнешно патување (во последните 14 дена).
Тестирани се вкупно 406 материјали во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ и во приватните лаборатории. Позитивни се 22 или 5,4% од тестираните.