„Сега имам нова функција, заменик-претседателка на Социјалдемократскиот сојуз, и апсолутно со сиот тој габарит, со сето тоа знаење, со сето тоа поимање на нештата што сум го добила во животот благодарение на Отвореното општество, мислам дека може да биде само предност и за Социјалдемократскиот сојуз и за Република Северна Македонија“, вели заменик-лидерката на СДСМ

Јас мислам дека е тоа само предност, вели заменик-претседателката на опозицискиот СДСМ, Фани Каранфилова Пановска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, на прашањето колку сега ѝ тежи тоа што е поранешна вработена и директорка на Фондацијата Отворено општество Македонија, позната како Фондација Сорос.
„Не гледам зошто би ми било тежина. Тоа што се озлогласи името на фондацијата Сорос беше благодарение на разноразни пропагандни војни што се биеја тука, се бијат и преку океанот. Вредностите и филозофијата на отвореното општество се оние вредности што единствено може да ѝ носат напредок на оваа држава. Тоа е почитување на правата на сите, демократија, слободен говор, економски напредок, соработка, дијалог итн. Не гледам што од тие вредности и што од тие политики е проблематично за нешто што е Република Северна Македонија и Социјалдемократскиот сојуз“, рече Каранфилова-Пановска.

Таа додава дека ниту бега ниту има намера да бега од тоа нејзино 25-годишно минато.
„Апсолутно го сметам за предност. Инаку, јас не сум во Фондацијата повеќе од две години. Така што, сега имам нова функција, заменик-претседателка на Социјалдемократскиот сојуз, и апсолутно со сиот тој габарит, со сето тоа знаење, со сето тоа поимање на нештата што сум го добила во животот благодарение на Отвореното општество, мислам дека може да биде само предност и за Социјалдемократскиот сојуз и за Република Северна Македонија“, вели таа.
На прашањето – со оглед на тоа што мислењето на Соединетите Американски Држави (САД) е важно во внатрешните односи во државата, дали тоа може да биде хендикеп за СДСМ поради тоа што Фани Каранфилова-Пановска е поранешна вработена во Фондацијата на Сорос, таа одговори дека не мисли така.