Никој, никаде не го прекинал изборниот процес поради ковид. Затоа што никој во нашиот нормален живот нема да се зарази ако ги почитува мерките за заштита, вели претседателот на Комисијата за заразни болести
Изготвивме протокол и го доставивме до ДИК, но кажавме дека не можеме да проектираме кога ќе се одржат изборите, вели претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџоски во интервју за „Слободен печат“. Тој посочува дека заразата со ковид-19 не се шири со одење на гласање, туку со непочитување на мерките.
„Да, Комисијата доби задача да изготви изборен протокол. Никој никогаш не ни рекол кога ќе бидат изборите. ДИК во полн состав беше повикана кај нас, а од нас беше побарано да им дадеме критериум за да се спроведе изборниот ден. Комисијата изготви протокол и тој е доставен до ДИК. Но, ние кажавме дека не можеме да проектираме во кој период може да има избори. Само кажавме кои критериуми треба да се задоволат за да се спроведат. И во соседството се подготвуваат за избори. Никој, никаде не го прекинал изборниот процес поради ковид. Затоа што никој во нашиот нормален живот нема да се зарази ако ги почитува мерките за заштита, за дистанца, ако носи маска или ако се дезинфицира. Значи, направивме протокол кој важи кога и да се одржат изборите“,
вели Караџовски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска постави два услова за одржување избори во средината на јули: „избори со целосна мисија на ОБСЕ и ОДИХР и имплементација напротоколите за заштита при гласање кои ВМРО-ДПМНЕ ги предложи“.
Караџовски вели дека не е навреден што последниве денови по него „се фрлаа дрва и камења“.
„Ме обвинуваа партиите, но јавноста мора да сфати дека Комисијата работи согласно критериуми, според струка, наука и свој бекграунд. При секое донесување одлука имаме ‘сочна’ расправа и ниедна не е донесена едногласно, ниту пак затоа што нејзиниот претседател така решил. Дополнително, што јас како претседател не сум највисока функција, туку има уште три над мене – началник, раководител и директор. Инаку, мојата стручност е неспорна. Имам над 35 епидемии зад мене. Затоа на почеток предвидов дека ќе имаме над 2.000 позитивни и 150 до 200 смртни случаи“
вели Караџовски.