Голем број млади делагати и гости присуствуваа на Конгресот на СДСМ за потврдување на кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател на државата. Велат дека мотив им е, како и партискиот слоган – подобар живот.
„Што треба да се случи во државата за да имате подобар живот?
-Па мислам дека треба да почнеме најпрво од нас самите и ние самите да бидеме промената која сакаме да ја видиме овде во државата, а потоа да гледаме во другите.
Промена преку партија?
-Прво преку нас лично, а потоа преку партија и на крајот сето тоа да се огледа во државата.“, вели Марија Крстева – членка на СДСМ.
„Многу млади има, значи ли тоа дека младите единствената надеж ја гледаат преку партијата?
-Мислам дека така беше до пред неколку години, дека така гледаа во партијата, се стремиме да се смени тоа, да не се гледа партијата како Агенција за вработување, бидејќи и не е реално да збориме. Партиите во европските земји не работат така. Во партија се оди доброволно, за придонес.“, вели Христијан Цветановски – член на СДСМ.
Меѓу првите пристигна пратеничката од Делчево, Мира Стојчевска, популарна по рекордниот надомест за патни трошоци и вработувањето блиски. За кандидатот не сакаше да коментира. А за тоа со каков превоз пристигна – не одолеа.
„Приватно.“, вели Стојчевска.
По неа пристигнаа повеќемина актуелни функционери од СДСM, но, и поранешни.
Атмосферата пред „Александар Палас“ се загреа со пристигнувањето на единствениот кандидат за претседател Стево Пендаровски, на кого присутните веќе му се обраќаа со функција за која допрва ќе се бори.
„Претседателе една слика да направиме. “
„Благодариме, благодариме.“
„Претседателе, за Гази Баба една слика.“, викаа по Пендаровски присутните.
Редот за фотографирање згусти, па на помош беше повикана потенцијалната прва дама.
Прв ветер во грб на кандидатот му даде пратеникот од НСДП Горан Мисовски.
„Се е потврдено, башка ти еднаш си докажан.
-Сум бил, да
Сега ќе победиш сигурно.
-Може ти знаеш нешто, што јас не знам?
Знам дека ВМРО дебакл ќе доживее.“, разговараа Мисоски и Пендаровски.
Влегувајќи, Пендаровски се потсети на претседателската трка од 2014-та.
„Познати фаци од пред 5 години…“
Дека Пендаровски е предлогот, премиерот обелодени уште во петокот, па Конгресот беше само формалност. Коментар за изборот побаравме од оние што заедно со избраниот се споменуваа како потенцијални кандидати.
„-Зошто Пендаровски е подобар кандидат од Шекеринска за претседател?
Мислам дека она што беше најважно е да најдеме решение кое ќе биде добро за нашата држава. И тоа кога го најавувавме во почетокот на кандидатурите некои луѓе не ни веруваа, сега се покажа дека тоа што сме го кажале, навистина сме го мислеле. Меѓу четворицата кандидати, тројца сме министри, и сметавме слично како што кажа и премиерот дека сме презеле обврски и дека тие обврски треба да ги реализираме.“, рече Шекеринска.
„-Зошто Пендаровски е подобар кандидат од Спасовски за претседател?
Таа одлука е донесена врз основа на сите наши анализи. Јас сметам дека моето место како и досега ќе биде овде во СДСМ во поддржување на прогресивните политики, а лично апсолутно не е важно каде Оливер ќе биде. Важно е да помага на државата и да помага на партијата.“, вели Спасовски.
И почна официјалниот дел од Конгресот. Премиерот, кој честопати ги коригира соработниците за новото име на државата Република Северна Македонија, химната ја потпевнуваше во оригинал.
Од говорница, лидерот на СДСМ, освен за постигнувањата на партијата и власта, во екот на аферите за непотизам, имаше конкретна порака до сопартијците:
„Да работиме посветено и внимателно, да внимаваме на етичките и морални норми, да покажеме интегритет и да ги поддржиме институциите да му пркосат на секој кој има намера да стекнува корист врз грбот на граѓаните.“
За кандидатот, не штедеше пофалби.
„Претседател, кој е противник на поделби и изолации и кој ќе ја промовира Северна Македонија, како глобална и праведна земја.“, рече Заев.
По говорот на Заев, Конгресот беше затворен за јавноста. Новинарите чекаа во посебна просторија. Делегатите добија пауза – една, а потоа уште една вонредна.
Седумстотини делегати на СДСМ среде Конгресот се на пауза, бидејќи кандидатот Стево Пендаровски мораше да оди во Мала Речица да ги испочитува коалициските партнери ДУИ кои застанаа зад неговата кандидатура. Токму таа партија ДУИ, на претходните избори повика на бојкот и не го поддржа кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски.
Присутните 712 – едногласно го поддржаа Пендаровски.
„На 21 април и на 5 мај нема да се решава за нечија политичка кариера, тоа ќе биде најмалку битно. Далеку поважно е да покажеме дека во една мултиетничка држава на Балканот е возможно, луѓе од различни етникуми да се обединат зад исти цели – членство во евроатлантските интеграции, закони кои ги унапредуваат правата на граѓаните, и политички претставници кои ги надминуваат и поминуваат вековните етнички линии на поделба.“, рече Пендаровски.
Со говор на Пендаровски заврши Конгресот. Ден порано, неговата против-кандидатка од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска–Давкова изјави дека е шокирана што СДСМ заборавиле на распишаниот јавен конкурс и повеќемината пријавени кандидати.
„Не видете, мислам дека партијата согласно сите процедури си го избра кандидатот, денеска сме сите среќни на Конгрес, апсолутно застануваме позади него.
-Но, сите знаеме дека од порано е избран.
Апсолутно денеска тука се беше испочитувано како процедура, ние сме среќни и одиме до победа.“, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
„Мислам дека на ваков свечен и победнички чин нема потреба да коментираме малициозни изјави и губитнички, апсолутно.“, прокоментира пратеникот Хари Локвенец.
По четиричасовниот собир, дел од делегатите организирано тргнаа дома. Со оглед на тоа што Заев најави посета на сите места во претстојната кампања, делегатите ќе имаат шанса да му искажат поддршка на кандидатот за претседател најмалку уште еднаш, на домашен терен.
Напишете коментар