Именувањето на поранешниот премиер и лидер на СДСМ за специјален пратеник за Софија, иако беше ненадејно, сепак, не е случајно
Бучковски минатата седмица му изрази силна поддршка на Заев, по лавината реакции околу неговото интервју за БГНЕС, а спротивно на ставот на Црвенковски, Митрева и други поранешни функционери во СДСМ
Некогашниот премиер Владо Бучковски се врати на политичката сцена во земјава една и пол деценија откако земјава, во декември 2005 година, во периодот на владеење на неговата коалициска влада на СДСМ и на ДУИ, го доби кандидатскиот статус во ЕУ.
Тој денеска го имаше првиот работен ден како „олеснувач“ на разговорите со Бугарија, за што веќе замина на средба со актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи.
Голем предизвик
Пред да замине на средбата со Османи, Бучковски во гостување на ТВ 24 изјави дека новата позиција е голем предизвик за него и дека е убеден во успех, затоа што има излезни решенија.
„Недопустливо е ние да биде понижени, нашите црвени линии се исцртуваат, јасно е во кој правец треба да се најдат решенијата. Ми се допадна дефиницијата на Османи, мора да ја вратиме довербата во процесот, процесот е нарушен. За Македонија нема друга мисија, мора да сме трпеливи, ова мора сега да го решиме. Не гледам дека ќе има промена на политичката сцена во Бугарија. Додека разговараме, тимовите работат, бараат решение“,
изјави Бучковски.
Сегашната влада на СДСМ и на ДУИ, предводена од Зоран Заев, некогашниот близок соработник на Бучковски на „Бихаќска“, вчера го именува поранешниот премиер за специјален претставник за Бугарија. Одлуката за тоа дојде во време кога процесот на интеграција на земјава во ЕУ е повторно загрозен, по стагнацијата што следуваше на тој пат цели десет години, по смената на власта во 2006 година и големиот пробив што беше направен оваа пролет – со одлуката за почеток на преговорите.
Сепак, официјалниот почеток на преговорите на С Македонија со ЕУ е доведен во прашање поради можното бугарско вето за утврдување на преговарачката рамка и за одржување на првата меѓувладина конференција. Од тој аспект, именувањето на Бучковски за „олеснувач“ на комуникацијата со Бугарија, иако беше ненадејно, сепак, не е случајно.
Разминувањата со Црвенковски
„Бучковски е одличен познавач на македонско-бугарските односи, почитуван е од бугарските општествени и политички чинители, има добри контакти со Бугарија и добро е примен во тамошната јавност. Има позитивни перцепции за неговите политики како поранешен премиер и е прифатен како некој што и порано придонесувал позитивно кон подобрување на односите со соседна Бугарија. Треба да придонесе кон создавање позитивна атмосфера за да се надмине проблемот со Бугарија“,
изјави на денешната прес-конференција портпаролот на Владата Душко Арсовски.
Бучковски минатата седмица му изрази силна поддршка на Заев, по лавината реакции во јавноста околу неговото интервју за БГНЕС, а спротивно на ставот на поранешниот претседател на државата и долгогодишен лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, кој дури и соопшти дека го замрзнува членството во партијата.
Всушност, ова не е првпат Црвенковски и Бучковски да се најдат на различни линии во врска со односите со Бугарија, иако овој пат нивните позиции се покомотни, во споредба со времето кога едниот беше на чело на државата, а другиот ја предводеше Владата.
Црвенковски, како шеф на државата, јавно го критикуваше Бучковски, кога тој, пред изборите во 2006 година, со тогашниот бугарски премиер Сергеј Станишев, кој сега е претседател на Партијата на европски социјалисти, договараше заедничко чествување на Илинден – нешто што стана реалност во периодот на „кохабитација“ на Заев со актуелниот бугарски премиер Бојко Борисов.
Разминувањата со Црвенковски и за други прашања продолжија и откако Бучковски замина од премиерската функција (по доаѓањето на Никола Груевски на власт во 2006 година), по што беше „симнат“ и од лидерската позиција во СДСМ, а на негово место дојде сегашната министерка за одбрана и заменик-претседателка на партијата Радмила Шекеринска.
Соработката со Заев
Во тие тешки времиња за политичката кариера на Бучковски меѓу оние кои ги бранеа неговите позиции беше поранешната шефица на дипломатијата Илинка Митрева. Таа неодамна, исто така по подолго време, се појави во јавноста, со став за интервјуто на Заев, но овој пат спротивен на позициите на Бучковски.
Искачувањето на Заев на повисоките скалила во политиката, всушност, почна во времето кога Бучковски беше на врвот на СДСМ и кога прво го промовираше сегашниот премиер како кандидат за градоначалник на Струмица, а потоа и како носител на кандидатската листа во четвртата изборна единица во 2006 година – позиција од која не отстапи ниту на неодамнешните парламентарни избори на 15 јули годинава.
Големиот пробив на земјата на патот кон ЕУ со добивањето на кандидатскиот статус во 2005 година, сепак, не го спречи изборниот пораз на СДСМ, на чело со Бучковски, половина година подоцна. Судскиот процес за случајот „Тенковски делови“, а потоа и обидите да формира фракција во СДСМ, откако таму се врати Црвенковски, во 2009 година, го забрзаа заминувањето на Бучковски од политичката сцена. Пред локалните избори во 2013 година, Бучковски беше исклучен од СДСМ, поради „спротивставени интереси со кои ѝ нанел штета на партијата“.
Потоа, набрзо по доаѓањето на Заев на чело на СДСМ во 2013 година, Бучковски формираше нова партија Алијанса за позитивна Македонија, која беше со кус рок на траење.
Следуваше подолг период на пауза на Бучковски од политичката сцена во земјава, иако во меѓувреме поднесе барање до Надзорниот одбор на СДСМ за негово враќање во партијата, на кое до пред извесно време не беше одговорено.
Во меѓувреме, тој ја продолжи академската кариера, како универзитетски професор по Римско право. Сега е ангажиран на докторските студии на бугарскиот државен универзитет „Уни БИТ“, а исто така е дел од мрежата „Jus Romanum“ на Софискиот универзитет .
Поранешниот премиер и министер за одбрана, како и некогашен лидер на СДСМ, во последно време, исто така, беше често присутен и на медиумите во Бугарија, со свои ставови во однос на надминувањето на недоразбирањата со Северна Македонија.