Неговиот брат Радомир беше убиен во Цетиње во октомври 2016 година. Седум месеци подоцна Милош Ѓуричковиќ преживеа напад во Белград

Милош Ѓуричковиќ (56) утрово е убиен со огнено оружје во местото Бајице, кај Цетиње, објави црногорскиот медиум „Вијести“. Телото го пронашол граѓанин кој ја известил полицијата. Според Радиотелевизија Црна Гора (РТЦГ), Ѓуричковиќ во полициската евиденција бил заведен како припадник на шкаљарскиот клан.
Црногорската полиција соопшти дека пред граѓанинот да го пријави случајот, во дежурната служба во Цетиње никој не пријавил пукање. Полицајците на самото место утврдиле дека Ѓуричковиќ бил застрелан. Во потрагата по сторителот, полицијата го блокирала подрачјето околу местото на убиството и околните патишта.

Истрагата се води во соработка со Вишото државно обвинителство во Подгорица. Во соопштението полицијата го наведе убиениот со иницијали и го опиша како член на организирана криминална група. Мотивот за убиството засега е непознат.
Постариот случај со семејството Ѓуричковиќ датира од 10 октомври 2016 година, кога во Цетиње беше убиен Радомир, братот на Милош. Во мај 2017 година беше пукано и во Милош додека стоел на тераса од стан во белградската населба Вождовац. Тогаш беше ранет во вратот и го преживеа нападот.
Шкаљарскиот и кавачкиот клан ги носат имињата на две населби кај Котор, од каде што потекнуваат. Некогаш биле дел од иста криминална група која шверцувала кокаин од Јужна Америка во Европа. Расколот почнал во 2014 година по спор околу пратка кокаин во шпанскиот град Валенсија. Во март 2024 година грчката полиција соопшти дека во пресметките меѓу двата клана дотогаш биле убиени најмалку 60 луѓе низ Европа.
